СТУДЕНТИТЕ БАРААТ СИТЕ 14 ПРЕДМЕТИ НА АЛБАНСКИ Шасивари нуди компромис, ДУИ најавува политичка битка
Предлогот 12 предмети да се полагаат на албански, а два на македонски јазик не ги задоволи студентите, кои најавуваат нови протести. ДУИ го обвини министерот за нарушување на јазичните права.

Предлогот на Министерството за правда за полагање на правосудниот испит на два јазика предизвика незадоволство кај дел од студентите Албанци и остра политичка реакција од ДУИ. На средбата со претставниците на правните факултети и студентите, министерот за правда Јетон Шасивари претставил концепт според кој теоретскиот дел од правосудниот испит, односно 12 предмети, би се полагал на албански јазик, додека практичниот дел, кој опфаќа два предмета, би се полагал на македонски.
Иако предложеното решение овозможува најголемиот дел од испитот да се полага на албански јазик, студентските претставници порачаа дека за нив е прифатливо единствено целосно полагање на испитот на албански.
Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, по средбата изјави дека предлогот претставува делумен напредок, но не ги исполнува нивните барања.
„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик“, изјави Мехмеди.
Тој смета дека Законот за употреба на јазиците им овозможува на студентите што студирале на албански јазик целосно да го полагаат правосудниот испит на тој јазик. Мехмеди нагласи дека студентите немаат ништо против македонскиот јазик, но инсистираат на остварување на она што го сметаат за свое законско право.
„Јас живеам во мојата татковина, во мојата држава и ми следува да зборувам албански јазик. Немам ништо против македонскиот јазик, не го знам добро, но колку што можам, го зборувам, и не ми е срам“, рече тој.
Студентските претставници најавија нови протести доколку нивното барање не биде прифатено.
Министерот за правда Јетон Шасивари изјави дека институциите имаат обврска да создаваат еднакви можности, со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди. Според него, предложените измени треба да воспостават рамнотежа меѓу правото на кандидатите да го користат јазикот на кој го завршиле високото правно образование и потребата од единствен и функционален правосуден систем.
„Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин. Сакаме процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина“, истакна Шасивари.
Тој најави продолжување на консултациите со претставниците на факултетите и студентите, а предлог-законот ќе биде ставен во процедура по добивањето мислење од Венецијанската комисија.
На предложеното решение остро реагираше ДУИ, оценувајќи дека министерот Шасивари нуди компромис кој, според партијата, е спротивен на Уставот и Законот за употреба на јазиците. Од ДУИ го обвинија министерот дека го променил ставот што го застапувал пред преземањето на функцијата и дека сега поддржува решение кое, според нив, ги ограничува правата на студентите Албанци.
„Уставните и законските права не смеат да се претворат во предмет на политички пазарења, а најмалку од страна на оние кои имаат обврска да ги штитат и спроведуваат“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Партијата смета дека студентите треба да имаат можност целиот правосуден испит да го полагаат на албански јазик, без дополнителни компромиси.
„На студентите не им се потребни компромиси што ги нарушуваат нивните права. Ним им е потребна примена на законот“, порачаа од ДУИ.
Со тоа, прашањето за јазикот на кој ќе се полага правосудниот испит останува отворено. Министерството најавува дополнителни консултации и чекање на мислењето од Венецијанската комисија, додека студентските претставници и ДУИ инсистираат на целосно полагање на албански јазик.

