АНА ПЕЈЧИНОВА ЈА ОСВОИ НАГРАДАТА „ДРАГИ“ ЗА КИПЛИНГ Признание и за хрватскиот превод на Михајловски
За првпат наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик оди кај препев на поезија, додека меѓународното признание му припадна на Борислав Павловски за романот „Бајазит и Оливера“.

Преведувачката Ана Пејчинова е добитничка на годинашната награда „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик, за препевот од англиски јазик на книгата „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, објавена во издание на издавачката куќа „Полица“.
Одлуката беше соопштена на свечена церемонија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Комисијата, во состав проф. д-р Иван (Ивица) Џепароски, проф. д-р Владимир Цветкоски и д-р Јана Михајловска, едногласно одлучила признанието да ѝ припадне на Пејчинова.
Во образложението се истакнува дека преводот успешно се справува со предизвиците што ги носи поезијата на Киплинг, особено во однос на ритамот, римата, јазичните регистри, реториката и идеолошката сложеност.
Посебно е нагласена умешноста на преведувачката во зачувувањето на силниот ритам на песните, како и во приспособувањето на различните говорни стилови и нијанси на оригиналот на македонски јазик.
„Сѐ на сѐ, преводот постигнува ретка рамнотежа меѓу верноста кон смислата и верноста кон формата и покажува дека македонскиот јазик може да се носи со Киплинговиот стих со сите негови звуци и гласови“, се наведува во образложението.
При врачувањето на наградата, Пејчинова истакна дека признанието за неа претставува двојна чест – потврда за успешноста на нејзиниот препев на делото на Киплинг и оддавање почит на Драги Михајловски, еден од најзначајните македонски преведувачи.
Таа го опиша препевот како посветен процес што создава мост меѓу македонскиот читател и другите култури, времиња и народи. Наградата „Драги“ се состои од статуетка и паричен износ од 40.000 денари.
Борислав Павловски награден за преводот на „Бајазит и Оливера“
На истата церемонија беше доделена и интернационалната награда „Драги“, која му припадна на хрватскиот професор Борислав Павловски за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски. Книгата е објавена од загрепската издавачка куќа „ТИМ прес“.
Павловски допатува во Скопје за да ја прими наградата, а во своето обраќање зборуваше за предизвиците на книжевниот превод и за долгогодишната работа на романот, кој го преведувал од лична посветеност кон делото.
Тој објасни дека посебно внимание посветил на ритамот на долгите реченици и на зачувувањето на книжевниот израз на Михајловски. За да ги разреши своите дилеми, побарал мислење и од писателот Венко Андоновски, кој му потврдил дека е на вистинскиот пат.
Павловски нагласи дека преведувањето на романот било лично патување низ приказната, историското време и судбините на ликовите, особено на Оливера.
Интернационалната награда „Драги“ ги вреднува преводите на македонски книжевни дела на странски јазици, земајќи ги предвид квалитетот на преводот, приемот кај критиката, актуелноста и придонесот за интеркултурниот дијалог.
Првпат наградата за најдобар превод е доделена за поезија
Годинава, за наградата „Драги“ првично биле номинирани 24 дела во превод на македонски јазик, односно дела на 27 преведувачи. Книгите се објавени од девет издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици.
Во најтесниот избор, покрај Ана Пејчинова, се најдоа Даниела Спироска за препевот на „Песни“ од Дилан Томас, Ели Пујовска за „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, Игор Радев за „Безначајни песни“ од Шји Чуан и Никола Ѓелинчески за „Неред“ од Питер Мекеј.
Ова е првпат откако е воспоставена наградата „Драги“ да биде доделена за превод на поетско дело, со што се одбележува и придонесот на Драги Михајловски во препевот на поезијата.
Наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик е воспоставена во 2022 година. Првото почесно признание му беше доделено на самиот Драги Михајловски (1951–2022), писател, преведувач, есеист и универзитетски професор, кој остави значаен белег во македонската култура со преводите на Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк и други големи автори.
Годинашното издание го реализираше издавачката куќа „Антолог“, со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Со доделувањето на двете награди заврши годинашниот циклус на признанието „Драги“, кое има цел да го поттикнува квалитетниот книжевен превод и поголемата присутност на македонската литература во странство. Следната година во фокусот повторно ќе бидат прозните дела во превод на македонски јазик.

