СДСМ НЕ Е НИЧИЈА ПРИВАТНА СОПСТВЕНОСТ Велковски бара промени и најавува преземање одговорност

По изборниот пораз во Брвеница, поранешниот градоначалник на Лозово бара промени, обединување и нов почеток во СДСМ, најавувајќи дека е подготвен да ја преземе одговорноста за консолидација на партијата.

СДСМ НЕ Е НИЧИЈА ПРИВАТНА СОПСТВЕНОСТ Велковски бара промени и најавува преземање одговорност
Фото: Принтскрин

Поранешниот градоначалник на Општина Лозово и актуелен координатор на СДСМ за општинските организации во третата изборна единица, Ацо Велковски, испрати порака до партиското раководство по лошите резултати на СДСМ на локалните избори во Брвеница, барајќи промени, одговорност и нова енергија во партијата.

Во објава на социјалните мрежи, Велковски директно му се обрати на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, прашувајќи до кога партијата ќе молчи и ќе се однесува како сè да е во ред, додека членството ја губи довербата.

„СДСМ не е ничија приватна сопственост. СДСМ е идеја, историја, вредност и дом на илјадници луѓе кои верувале дека оваа партија може да донесе подобра иднина за Македонија“, наведува Велковски.

Според него, во партијата денес има разочарување наместо надеж, поделби наместо единство и неизвесност наместо јасна визија. Тој оценува дека по сите изборни порази и предупредувања мора да се отвори прашањето за одговорноста и за причините поради кои СДСМ ја губи поддршката. Велковски смета дека на партијата не ѝ се потребни нови оправдувања, туку храброст, визија и лидерство што најпрво ќе ја врати довербата кај членството, а потоа и кај граѓаните.

Во својата порака, Велковски нагласува дека неговиот повик не е за откажување, туку за спасување и обновување на партијата. Тој ги повика членовите и симпатизерите да не дозволат разочарувањето, внатрепартиските пресметки и личните суети дополнително да ги продлабочат поделбите.

„Јас не сакам да бидам дел од распадот на СДСМ. Сакам да бидам дел од неговото повторно раѓање!“, порачува Велковски.

Притоа, тој отворено најавува дека е подготвен да преземе одговорност, да работи на обединување на членството и да помогне во создавањето нова, силна и организирана социјалдемократска сила. Велковски вели дека сака да ги обедини разочараните членови, оние што се чувствуваат отфрлени, оние што се повлекле од партискиот живот, но и сите што продолжуваат да веруваат во социјалдемократските вредности.

Како приоритети ги посочува работата, искреноста, отчетноста и враќањето на значењето на општинските организации. Според него, СДСМ треба да биде партија во која различните мислења ќе претставуваат сила, а не причина за меѓусебни пресметки.

Велковски смета дека СДСМ мора повторно да се изгради како силна опозициска партија, со јасна програма, организирана теренска мрежа и луѓе што ќе можат да понудат конкретни решенија за проблемите на граѓаните. Тој нагласува дека опозицијата не треба само да критикува, туку и да понуди алтернатива и да се подготви за победа на следните парламентарни избори.

„Не ветувам чуда. Ветувам работа, искреност, отчетност и борба за секој член, за секоја општинска организација и за секој граѓанин што очекува од нас да бидеме вистинска алтернатива“, наведува Велковски.

Тој им порача на разочараните членови дека не мора да се откажат од идејата на СДСМ само затоа што се разочарани од луѓето што ја воделе партијата. Во завршницата на објавата, Велковски повторува дека е подготвен да ја преземе одговорноста, нагласувајќи дека не го прави тоа поради функција или титула, туку затоа што смета дека СДСМ заслужува нова шанса, а Македонија силна и одговорна опозиција.

„Време е за единство. Време е за одговорност. Време е за консолидација. Време е за нова енергија и нов почеток. Време е СДСМ повторно да стане сила!“, порачува Велковски.

CATEGORIES
Share This