ВЛАДАТА ГО УКИНУВА ЗАКОНОТ ЗА ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ Се отвора ли патот за спојување на АНБ и АР
Предлогот веќе е доставен до Собранието, а со него се укинува законскиот механизам за координација на безбедносно-разузнавачките служби. Дали ова е првиот чекор кон големата реформа што ја најавува Мицкоски?

Владата доставила до Собранието предлог-закон за целосно укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој се уредува соработката меѓу Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и военото разузнавање.
Предлогот бил усвоен на владината седница на 13 октомври, а на 15 октомври бил доставен до законодавниот дом.
Како главна причина за укинувањето се наведуваат проблемите во практичното спроведување на постојниот закон. Министерството за внатрешни работи оценува дека законското решение е соодветно поставено и усогласено со стандардите на Европската Унија и НАТО, но дека неговата примена е ограничена поради недовербата меѓу институциите, тесниот опфат и недоволните оперативни капацитети.
Преиспитувањето на законот започнало во септември минатата година, кога Владата побарала од Министерството за внатрешни работи да ја оцени потребата од неговото натамошно постоење. По извршената анализа, МВР предложило законот да престане да важи.
Предлог-законот содржи само два члена. Со нив се предвидува укинување на постојниот пропис, како и на одлуките за формирање и кадровско екипирање на Советот за координација.
Предвидено е законот да стапи во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“, а според образложението, неговото донесување нема да предизвика дополнителни трошоци за државниот буџет.
Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница беше донесен во 2019 година, со цел да се воспостави механизам за усогласување на работата на безбедносните и разузнавачките институции. Со него беше предвидено формирање Совет за координација, предводен од премиерот, во кој членуваат министри и раководители на надлежните институции.
Советот имаше задача да ја координира работата на службите, да ги проценува безбедносните ризици и да го информира државниот врв за потенцијалните закани. Законот предвидуваше и посебна канцеларија задолжена за обединување и анализа на разузнавачките информации, како и изготвување заеднички проценки. Со укинувањето на овој пропис, се отвора прашањето каков институционален механизам ќе ја преземе улогата на досегашниот систем за координација.
Како што објави „360 степени“, иако нема официјална потврда дека двете прашања се директно поврзани, укинувањето на законот би можело да биде дел од подготовките за најавеното спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
Во предложениот закон, сепак, не се наведува дека укинувањето е поврзано со спојување на агенциите, ниту се прецизира како ќе функционира координацијата меѓу службите по престанувањето на важноста на постојниот пропис.
Спојувањето на разузнавачките агенции е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, а премиерот Христијан Мицкоски ја најавуваше оваа можност уште во 2024 година.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно изјави дека не може да заземе став за спојувањето на агенциите без да има конкретни законски предлози. Таа ја нагласи потребата од ефикасна парламентарна контрола, спречување прекумерна концентрација на моќ и заштита на безбедносно-разузнавачките служби од политички влијанија.
Предлогот за укинување на законот сега треба да помине низ собраниската процедура. Во меѓувреме, останува отворено прашањето дали Владата ќе предложи нов модел за координација на службите и дали тоа ќе биде дел од пошироката реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем.

