ГОЕЛМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА НИЗ МАКЕДОНИЈА Претреси на над 40 локации, пронајдени дрога, оружје, пари и мачети
Полициската операција трае втор ден, а во неа се вклучени сите сектори за внатрешни работи и специјализирани тимови со службени кучиња.

Обемна полициска акција се спроведува на повеќе од 40 локации низ Македонија, при што, според неофицијалните информации на „Курир“, се откриени дрога, оружје, парични средства, мачети и други предмети за кои постои сомневање дека се поврзани со криминални активности.
Полициските претреси продолжуваат втор ден по ред, а целата операција се одвива под координација на Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во акцијата се ангажирани полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи, како и припадници на организациската единица за службени кучиња, кои учествуваат во претресите и откривањето на сомнителни предмети.
Како што неофицијално дознава „Курир“, полициските екипи сè уште се на терен, а активностите продолжуваат во рамки на засилените мерки за откривање и сузбивање на криминалот.
Засега нема официјални информации за бројот на евентуално приведени лица, ниту за вкупната количина на пронајдените недозволени предмети.

