КОЈ ЌЕ ЈА ОСВОИ БРВЕНИЦА Шест кандидати во трка за градоначалничката фотелја, се очекува неизвесна битка

По ненадејната смрт на Јовица Илиевски, жителите на Брвеница во недела повторно излегуваат на гласање. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Вреди и ДУИ настапуваат со свои кандидати, а поради шестмината претенденти останува отворена можноста за втор круг.

КОЈ ЌЕ ЈА ОСВОИ БРВЕНИЦА Шест кандидати во трка за градоначалничката фотелја, се очекува неизвесна битка
Фото: Принтскрин

Жителите на Општина Брвеница во недела ќе избираат нов градоначалник, по ненадејната смрт на Јовица Илиевски, кој на последните локални избори победи како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Вонредните избори отвораат нова политичка битка за раководење со општината.

На гласачкото ливче се шест кандидати: Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, независниот кандидат Душан Богдановски, Јакуп Усеини од „Вреди“, независната кандидатка Арифе Идризи и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ.

Кандидатите во кампањата ветуваа локален развој, нови инвестиции, подобри услови за младите и домаќинско управување со општинските финансии.

Интересно е што владејачките партнери ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ на овие избори настапуваат со одделни кандидати, додека ЗНАМ го поддржува кандидатот на најголемата владејачка партија. И опозициските СДСМ и ДУИ имаат свои кандидати.

Поради шесте кандидати, се очекува неизвесна трка, а можноста за втор круг останува отворена. Доколку ниту еден кандидат не ги исполни условите за победа во првиот круг, новото гласање е предвидено за 1 ноември.

Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, право на глас имаат 16.256 избирачи.

Првичните неофицијални резултати се очекуваат до полноќ во недела, додека официјалните резултати треба да бидат познати во законски предвидениот рок.

CATEGORIES
Share This