ЛАДЕН ТУШ ЗА ГЕРАСИМОВСКИ Платформа 12.05 не попушта, без заминување на Филипче нема помирување
Повикот на новиот потпретседател на СДСМ, Горан Герасимовски, за внатрепартиско помирување наиде на студен прием од Платформа 12.05. Извори од иницијативата брифираат за „Национал“ дека без заминување на Венко Филипче од лидерската позиција тешко може да дојде до обединување на спротивставените страни.

Обидот на новиот потпретседател на СДСМ и градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, да ги приближи позициите на актуелното партиско раководство и незадоволните поранешни функционери обединети во Платформа 12.05, засега останува без резултат.
Извори од Платформата, чии претставници своевремено биле подготвени да ја разгледуваат дури и можноста за формирање нова политичка партија, брифираат за „Национал“ дека суштинската пречка за помирување е непроменета и нивното барање Венко Филипче да си замине од чело на СДСМ.
Во телевизиско интервју Герасимовски повика на дијалог и надминување на поделбите.
„Моја заложба и цел е да ги помирам спротивставените страни. Добро е за секоја партија да има различни ставови, но тоа треба да нè прави посилни. На крајот на денот треба да седнеме сите на маса, да се обединиме и да тргнеме во победа“, изјави Герасимовски.
Сепак, од Платформата експресно го отфрлија неговиот повик. Иницијативата бара оставка од Филипче, формирање внатрепартиска работна група за измени на Статутот, преиспитување на мандатите на конгресните делегати и избор на ново раководство. Актуелното раководство досега ги отфрлаше ваквите барања.
Герасимовски, пак, го оцени планот на Платформата како „штур и несериозен“, сведувајќи го на пораката:
„Оди си, Венко, за да дојдеме ние“. И покрај несогласувањата, тој нагласи дека одржува пријателски односи со дел од претставниците на иницијативата.
Во меѓувреме, останува неизвесно дали Платформа 12.05 ќе го активира најавениот „план Б“. Пратеничката Славјанка Петровска претходно порача дека располагаат со повеќе механизми за дејствување и дека нема да се откажат од барањата за промени во партијата.
„Се разбира дека ги имаме разработено и сценариото А и сценариото Б“, изјави Петровска.
Според соговорниците на „Национал“ од Платформата, личните односи и повиците за единство не можат да ги надминат суштинските политички разлики без промена на партиското раководство.
Така, додека Герасимовски повикува на обединување, Платформа 12.05 останува на барањето за заминување на Филипче, оставајќи го отворено прашањето дали СДСМ го очекува помирување или ново продлабочување на внатрепартиската криза.
ПЛАТФОРМАТА 12:05 БАРА ПРОМЕНИ ВО СДСМ Филипче да си оди, опозицијата да се обедини

