БАЧЕВ ОТВОРА ЖЕШКА ТЕМА СО ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПРАВНИ ИЗМЕНИ: Кој работи против Македонија, да му се одземе македонско државјанство
Претседателот на Единствена Македонија најави иницијатива за уставни и законски измени со кои би се овозможило одземање на македонското државјанство на лица со двојно државјанство кои дејствуваат против националните интереси.

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, зборувајќи за бегството на Ива Михаилова во Бугарија, најави иницијатива за промена на Законот за државјанство. Со неа ќе бара да се овозможи одземање на македонското државјанство на лица кои имаат и странско државјанство, а дејствуваат против националните интереси на државата.
Бачев смета дека треба да се врати законската можност што постоела во законодавството на поранешна СФР Југославија, а предвидувала одземање на државјанството на лица кои работат против државните интереси. Сепак, за ваквата промена најпрво би требало да се отстрани уставната пречка, бидејќи, според Бачев, актуелниот Устав не дозволува одземање на државјанството на македонски државјанин.
Тој иронично забележа дека промената на Уставот е најмал проблем во Македонија, посочувајќи дека во изминатите 36 години независност Уставот бил менуван со 36 амандмани.
Според Бачев, државата мора да располага со соодветни правни механизми за заштита на суверенитетот, безбедноста и уставниот поредок, особено кога станува збор за лица кои од странство дејствуваат против македонските државни и национални интереси.
Бачев оцени дека Ива Михаилова ги исполнува условите за одземање на македонското државјанство, бидејќи, според него, дејствува против националните интереси на државата со негирањето на постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. На забелешката на водителот дека ваквата можност би можела да биде злоупотребена, Бачев одговори дека со прецизна правна регулатива може да се спречат злоупотребите и одземањето на државјанството да се ограничи исклучиво на лица кои работат против македонските национални интереси.
„Државјанството не смее да биде засолниште за оние што работат против сопствената држава“, порача Бачев.
https://nacionalno.mk/kako-izbegala-mihajlova-bachev-otvori-dve-mozhni-scenarija-i-ja-prozva-bugarija/

