ЕУ СО ОСТРА ПОРАКА ДО МОСКВА Замрзнатите руски милијарди нема да бидат вратени додека Русија не и плати на Украина

Каја Калас најави дека руските средства ќе останат замрзнати сè додека Москва не исплати репарации за штетите од војната, а европските лидери разгледуваат како тие средства да се искористат за помош на Киев.

ЕУ СО ОСТРА ПОРАКА ДО МОСКВА Замрзнатите руски милијарди нема да бидат вратени додека Русија не и плати на Украина
Фото: Принтскрин

Замрзнатиот руски имот нема да ѝ биде вратен на Москва сè додека Русија не ѝ исплати репарации на Украина порача високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, пред почетокот на самитот на Европскиот совет во Брисел.

Калас изјави дека лидерите на земјите-членки на ЕУ се договориле замрзнатите средства да останат недостапни за Русија сè додека не ги исполни обврските за надоместување на штетите предизвикани во Украина.

„Многу лидери го покренаа прашањето како тие средства да се искористат и сигурна сум дека тоа ќе го направат и денеска“, рече Калас.

Таа нагласи дека е потребна соработка преку механизми на солидарност што ќе го распределат ризикот меѓу земјите-членки, за да може да ѝ се обезбеди конкретна финансиска помош на Украина.

Прашањето за судбината на замрзнатиот руски имот останува едно од клучните во европските разговори за поддршка на Киев, особено во контекст на барањата средствата да се искористат за справување со последиците од руската инвазија.

CATEGORIES
Share This