ПАМЕТНИТЕ ОЧИЛА МОЖАТ ТАЈНО ДА ВЕ СНИМААТ ЕУ предупредува, правилата важат и на јавни места

Европскиот одбор за заштита на податоците објави први насоки за употребата на паметните очила со камери и микрофони. Посебно внимание се бара за снимањето деца, во училиштата, болниците и на работните места, како и за објавувањето снимки на социјалните мрежи.

ПАМЕТНИТЕ ОЧИЛА МОЖАТ ТАЈНО ДА ВЕ СНИМААТ ЕУ предупредува, правилата важат и на јавни места
Фото: Принтскрин

Паметните очила што незабележливо снимаат видео и звук отвораат сериозни прашања за приватноста, предупредува Европскиот одбор за заштита на податоците (EDPB), кој усвои прелиминарни насоки за нивната употреба.

Според насоките, корисниците што објавуваат снимки на јавни профили или ги користат за деловни и политички цели мора да ги почитуваат правилата за заштита на личните податоци. Обврски имаат и производителите и давателите на поврзани апликации и услуги.

„Кога станува збор за приватноста, поединците заслужуваат јасни предупредувања, а не непријатни изненадувања“, изјави претседателката на EDPB, Ану Талус.

Снимањето треба да биде јасно препознатливо, преку светлосни сигнали, звучни предупредувања или други известувања што ќе им овозможат на луѓето да забележат дека се снимани. Ниту јавниот простор автоматски значи дека снимањето е ослободено од законски ограничувања.

Посебно внимание се бара при користењето паметни очила во училиштата, болниците и на работните места, каде што тајното снимање може да има сериозни последици. Ризик претставува и брзото споделување на снимките на интернет, без знаење на лицата што се прикажани.

Дополнителен извештај подготвен за EDPB предупредува дека паметните очила можат да се користат и за следење луѓе или прибирање докази против нив, создавајќи нерамнотежа меѓу лицето што снима и лицето што не знае дека е снимано.

Европскиот одбор повикува на развој на индустриски стандарди и поголема јавна свест за тоа кога се користат овие уреди, како се обработуваат снимките и кој може да има пристап до нив.

CATEGORIES
Share This