СТОЈКО РАМОВ Е НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК Најави нови колективни договори за детската заштита и културата
Рамов беше избран на VIII редовен конгрес на синдикатот, а меѓу приоритетите ги посочи подобрувањето на статусот на просветните работници и унапредувањето на правата на вработените во образованието, детската заштита и културата.

Стојко Рамов е избран за нов претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК) на денешниот VIII редовен конгрес на синдикатот.
Како главни приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и склучувањето нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус и работничките права на вработените.
„Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Во претстојниот период треба да се потпише колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, така што нè чека многу работа“, истакна Рамов.
Тој изрази надеж дека синдикатот ќе наиде на разбирање од социјалните партнери, со што ќе се создадат услови за подобрување на економско-социјалната положба на просветните работници во земјава.
Во однос на роковите за постигнување договори, новиот претседател на СОНК посочи дека исходот ќе зависи од волјата на двете страни во преговорите.
„Тоа се преговори и не зависи сè само од СОНК, туку и од другата страна. Затоа, треба да изнајдеме заемно прифатливо решение со цел постигнување договор“, рече Рамов.
Досегашниот претседател на СОНК, Јаким Неделков, на конгресот посочи дека покрај сумирањето на резултатите од изминатиот петгодишен период, се очекуваат и промени во раководството на синдикатот.
На VIII редовен конгрес присуствуваат околу 270 делегати од целата држава.

