МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО СОФИЈА Нема уставни измени и нови отстапки без јасен крај на процесот
Премиерот предупреди дека и по евентуалните уставни измени Македонија може да се соочи со нови бугарски услови. Според него, 26 членки на ЕУ немале забелешки за Акцискиот план за малцинствата, но една држава го оспорува документот. Мицкоски порача дека договор со Софија е можен само со партнерски однос, а не со постојани притисоци.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија е подготвена за договор со Бугарија и продолжување на евроинтегративниот процес, но нема да прифати нови отстапки без јасна перспектива за членство во Европската Унија.
Во интервју за ТВ21, Мицкоски нагласи дека решение со Софија е можно доколку постои искрена подготвеност за дијалог, наместо постојано поставување нови барања и услови.
„Вие ме прашувате дали има можности, јас ви велам дека има. Доколку имаме партнерски однос, можно е. Доколку немаме партнерски однос, односно доколку продолжат со булингот, со позицијата ‘ние сме внатре, вие сте надвор’, тогаш нема договор“, изјави премиерот.
Според него, Македонија не може бесконечно да биде заложник на историски прашања за кои двете држави имаат различни толкувања.
Тој оцени дека доколку Бугарија навистина сака Македонија да стане членка на ЕУ, треба да покаже подготвеност за надминување на билатералните пречки, наместо да инсистира на решавање историски спорови од пред повеќе векови.
Едно од најсериозните предупредувања на премиерот се однесува на можноста Македонија да ги спроведе бараните уставни измени, а потоа повторно да се соочи со блокада од Бугарија.
Како конкретен пример го посочи Акцискиот план за малцинствата, кој е дел од патоказот за владеење на правото.
Според Мицкоски, документот бил подготвен по препораки од Брисел, со ангажирање експерт и организирање повеќе јавни дебати. Тој тврди дека 26 земји членки на ЕУ немале забелешки, додека една држава изразила несогласување, алудирајќи на Бугарија.
„Акцискиот план за малцинствата е предуслов за да го отвориме следниот кластер. Утре да го смениме Уставот, утре да одлучиме да прифатиме сè што сака Бугарија, повторно ќе имаме уште еден документ за кој ќе треба да се договараме и разговараме со нашиот сосед“, предупреди Мицкоски.
Според премиерот, токму ваквите ситуации ја потврдуваат потребата од гаранции дека исполнувањето на преземените обврски нема да биде проследено со нови билатерални условувања.
Мицкоски откри дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му препорачала Македонија и Бугарија да воспостават директен дијалог за отворените прашања. По таа препорака, премиерот побарал од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да иницира средба со бугарската колешка.
Средбата била организирана во рамките на регионалниот самит поврзан со Коридорот 8, откако македонската страна испратила дипломатска нота. Мицкоски призна дека очекувал само формална средба, но разговорите биле посуштински од неговите првични очекувања.
„Добро е што почнавме, бидејќи досега немавме почеток на таков тип дијалог. Јас очекувам овој дијалог да продолжи“, рече премиерот.
Тој посочи дека на прес-конференцијата по средбата присуствувала и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која имала можност непосредно да се запознае со текот на разговорите.
Мицкоски повторно ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ дека направила сериозна политичка грешка со прифаќањето на условите за продолжување на евроинтегративниот процес. Според него, поранешната власт презела обврски без да обезбеди гаранции дека нивното исполнување ќе биде доволно за непречен напредок кон членството. Тој оцени дека претходната влада со своите ветувања во Брисел создала нереални очекувања кај дел од европските политичари.
„Прифатено е нешто што очигледно таа влада не можеше да го испорача. Само по себе направи катастрофална грешка“, изјави Мицкоски.
Премиерот ги обвини поранешните власти и за законски интервенции кои, според него, имале цел да создадат политички притисок за прифаќање дополнителни отстапки. Тој нагласи дека актуелната Влада нема да влезе во процес без јасна перспектива за негово завршување.
Мицкоски предупреди дека билатералниот спор со Бугарија може да создава проблеми и во подоцнежните фази од пристапните преговори. Според него, дури и по исполнувањето на сегашните услови, постои ризик од нови блокади при отворањето или затворањето на преговарачките поглавја.
Премиерот смета дека таквите блокади би можеле формално да се образложуваат со други прашања, додека вистинската причина би биле историските и билатералните несогласувања.
„Затоа сакаме да видиме пат кој ќе биде јасен и кој ќе го штити интересот на граѓаните. Ете, тоа е она што го прави оваа Влада“, истакна Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата паралелно работи на реформите и разгледува механизми за постепено интегрирање во Европската Унија. Тој тврди дека Македонија остварила значителен напредок во спроведувањето на реформската агенда во извештајните периоди декември 2025 и јуни 2026 година.
Како потврда за реформските активности ја наведе оценката на Урсула фон дер Лајен, која, според него, за време на посетата на Скопје ја пофалила работата на македонските институции.
Мицкоски рече дека Македонија веќе исполнила два од трите услови што ги посочи за постепено приклучување кон ЕУ: усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика и завршувањето на скринингот. Како трет услов го наведе законодавството за јавни набавки, посочувајќи дека соодветниот закон неодамна бил усвоен во Собранието.
Сепак, премиерот не даде гаранција дека ваквиот пристап ќе овозможи целосно заобиколување на спорот со Бугарија.
Говорејќи за политичката одговорност, Мицкоски нагласи дека неговата политика во однос на евроинтеграциите ќе биде оценета од граѓаните на следните избори.
„Дали сум бил во право, ќе видам на следните избори. Ако бидам поразен, на тие што ќе победат ќе им честитам и ќе се повлечам од политиката. Тоа е легитимно. Секоја политика е легитимна, цената се плаќа на избори“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека мнозинството граѓани го поддржуваат членството во Европската Унија, но оцени дека истовремено постои и силно противење на нови отстапки без гаранции за напредок. Мицкоски потсети дека Македонија во минатото ги променила знамето и уставното име, но и покрај тие отстапки сè уште не го започнала суштинскиот дел од пристапните преговори.
На прашањето дали до крајот на мандатот ќе биде отворен првиот преговарачки кластер, премиерот не даде категоричен одговор, посочувајќи дека таквата одлука не зависи само од македонската Влада.
Неговата порака е дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но бара предвидлив процес во кој напредокот ќе зависи од исполнувањето на европските критериуми, а не од постојано отворање нови билатерални прашања.
МИЦКОСКИ ЈА ОТВОРА ПАНДОРИНАТА КУТИЈА Ќе станат ли бугарските пасоши билет за бегство од правдата

