МИЦКОСКИ ЈА ОТВОРА ПАНДОРИНАТА КУТИЈА Ќе станат ли бугарските пасоши билет за бегство од правдата
Поднаслов: Премиерот најави дека случајот ќе го отвори пред НАТО и европските партнери, обвинувајќи дека Бугарија станува прибежиште за лица кои бегаат од македонската правда. Од Софија побара испорачување на бараните лица.

Премиерот Христијан Мицкоски упати сериозни критики до Бугарија поради случајот со Ива Михаилова и нејзиниот татко, порачувајќи дека земја членка на НАТО не смее да дозволи нејзината територија да стане засолниште за лица кои се обидуваат да ја избегнат правдата во Македонија.
Во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ21, Мицкоски изјави дека Михаилова нелегално ја преминала македонско-бугарската граница, отфрлајќи ги тврдењата на нејзиниот адвокат за начинот на кој ја напуштила државата. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи продолжува со истрагата за утврдување на сите околности поврзани со нејзиното заминување во Бугарија.
Премиерот изнесе обвинувања дека македонската опозиција и одредени бугарски провладини медиуми пласираат идентични тврдења според кои бегството на Михаилова било однапред договорено.
„Тие создаваат иста теза, ако забележите, медиумите кои се провладини кај нив и нашата македонска опозиција што имаат заедничко? Заедничка е тезата дека ова било договорено. Добро, еве ако е договорено, сега има меѓународна потерница, ве молам испорачајте ги“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека македонските институции очекуваат конкретна соработка од бугарските власти и постапување по меѓународната потерница.
Мицкоски најави дека прашањето нема да остане ограничено само на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, туку ќе биде покренато и пред меѓународните партнери.
„Ние разговаравме со нашите меѓународни партнери, ова ќе биде покренато и на состаноците со НАТО-алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО денеска е прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата“, нагласи премиерот.
Според него, евентуалното одбивање на Софија да соработува би отворило сериозни прашања за односите меѓу двете држави, особено имајќи предвид дека се сојузници во НАТО. Тој најави дека за случајот ќе бидат информирани и партнерите во Европската Унија.
Премиерот изрази загриженост дека случајот со Михаилова би можел да создаде опасен пример за други лица кои се соочуваат со кривични постапки или имаат изречени затворски казни. Според него, постои ризик таквите лица да се обидат преку бугарско државјанство да најдат засолниште во соседната држава.
„Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да вадат бугарски пасоши и преку илегални премини да бегаат и да бараат прибежиште таму“, изјави Мицкоски.
И покрај острите критики, премиерот нагласи дека Владата нема намера да реагира емотивно или да презема избрзани чекори. Тој посочи дека Македонија ќе продолжи да бара институционално и дипломатско решение, со очекување бугарските власти да покажат подготвеност за соработка.
Мицкоски оцени дека одредени политички структури очекувале поостра реакција од македонската страна, но нагласи дека Владата останува отворена за дијалог со Софија. На крајот порача дека очекува Ива Михаилова и нејзиниот татко, порано или подоцна, да се соочат со македонските правосудни институции.
Ива Михаилова е обвинета во судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици. Според претходните информации од Обвинителството, нејзе ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош и ѝ биле изречени мерки со кои ѝ било забрането да ја напушта државата.

