ЗБОРУВААТ, НО НЕ СЛУШААТ Претставата „Тепихот на Биг Лебовски“ утре во салата на Меѓународниот Славјанси Универзитет
Алтернативниот театар „ПРОБАТОН“ носи нова театарска приказна за луѓето кои живеат во сопствените светови, зборуваат, но не успеваат вистински да се слушнат и разберат.

Во салата на Славјанскиот универзитет во Свети Николе, утре, 16 октомври 2026 година, со почеток во 20 часот, ќе се одржи премиерата на театарската претстава „Тепихот на Биг Лебовски“, во продукција на Алтернативниот театар „ПРОБАТОН“ од Свети Николе.
Претставата, во режија на Ѓорѓи Ризески, носи динамична сценска приказна исполнета со различни ликови, карактери и погледи на светот, отворајќи прашања за човечката комуникација, меѓусебното разбирање и отуѓеноста во современото општество.
„Претстава со мноштво динамични ликови, но, за жал, никој со никого не се слуша доволно ниту се разбира. Секој живее во својот сопствен свет. Секој е свој свет само за себе“, вели режисерот Ѓорѓи Ризески.
На сцената ќе настапат актерите Милорад Ангелов, Чедомир Митевски, Стефан Ѓорчев, Марко Трајковиќ, Марија Лазарова и Горан Илиќ, кои преку своите улоги ќе ја претстават приказната за сложеноста на човечките односи.
Со оваа премиера, Алтернативниот театар „ПРОБАТОН“ продолжува со својата театарска дејност, збогатувајќи ја културната понуда во Свети Николе.
Повеќе информации за театарот се достапни на официјалната веб-страница atp.mk.

