КАЛАС: Проширувањето на ЕУ не смее да стане заложник на билатерални спорови

На самитот во Брисел ќе се разгледуваат безбедносните аспекти на проширувањето и обврските на Унијата кон земјите кандидати.

КАЛАС: Проширувањето на ЕУ не смее да стане заложник на билатерални спорови
Фото: Принтскрин

Проширувањето на Европската Унија и ризикот процесот да се претвори во низа билатерални спорови ќе бидат меѓу важните теми на дводневниот самит на Европскиот совет, што денеска и утре се одржува во Брисел. Ова го изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Во изјава за новинарите пред почетокот на самитот, Калас нагласи дека европските земји треба да ја зајакнуваат меѓусебната соработка и да ја гледаат Унијата како заеднички интерес, особено во актуелните безбедносни околности.

„Ако го погледнеме самиот процес на проширување, треба да се потсетиме дека Европа е многу мал континент и дека треба да бидеме посилни заедно со земјите што се наоѓаат во Европа“, рече Калас.

Таа посочи дека на состанокот на министрите за надворешни работи во понеделникот биле разгледувани безбедносните аспекти на проширувањето, односно придонесот што идните членки би можеле да го дадат за безбедноста на Европската Унија.

„Затоа, очекувам темелна дискусија за тоа што ние, од наша страна, треба да направиме“, истакна Калас.

Нејзината изјава доаѓа во контекст на дебатата за иднината на проширувањето и потребата процесот да се движи напред без да биде оптоварен со билатерални несогласувања меѓу земјите членки и кандидатите за членство.

CATEGORIES
Share This