НЕМА ПРЕГОВОРИ, НЕМА УКИНУВАЊЕ НА ВЕТОТО Каракачанов бара Софија да ја блокира Македонија
ВМРО-БНД бара Софија да ги отфрли евентуалните барања за екстрадиција и судска соработка со Македонија и да го замрзне дијалогот за евроинтеграциите, без укинување на ветото.

ВМРО-БНД, партијата на поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, побара „бескомпромисна“ реакција од бугарските власти кон Македонија поради случајот со Ива Михаилова и потерницата што се поврзува со неа.
Од партијата бараат Владата, претседателот и Министерството за надворешни работи на Бугарија да преземат итни мерки и да ги отфрлат сите евентуални барања од македонска страна за екстрадиција или судска соработка во врска со Михаилова.
„ВМРО инсистира на итна и бескомпромисна акција од страна на Владата, претседателот и Министерството за надворешни работи, како што е апсолутно отфрлање на какви било македонски барања за екстрадиција или судска соработка во врска со Ива Михаилова. Нашата држава е должна да обезбеди целосна дипломатска, правна и медицинска заштита на своите граѓани“, се наведува во партиското соопштение.
ВМРО-БНД оди и чекор понатаму, барајќи прекин на каков било дијалог за европската интеграција на Македонија и задржување на бугарското вето.
Од партијата сметаат дека не треба да има преговори ниту укинување на ветото под каков било притисок сè додека, како што тврдат, Скопје не стави крај на физичкиот, административниот и судскиот притисок врз македонските Бугари.
„Нема преговори, нема укинување на ветото под никаков притисок, додека Скопје не стави крај на својот физички, административен и судски терор врз македонските Бугари“, се наведува во реакцијата.
Во завршницата на соопштението, партијата на Каракачанов испрати остра порака до македонските власти, повикувајќи се на заштитата на бугарските граѓани како прашање од национален интерес.
„Времето за компромиси заврши! Заштитата на животот и достоинството на секој Бугарин е прашање на национален суверенитет! Скопје нема да добие европска иднина на грбот на нашите прогонувани сонародници!“, порачуваат од ВМРО-БНД.
Реакцијата дополнително ги заострува политичките пораки од бугарска страна во врска со случајот „Ива Михаилова“, поврзувајќи го со прашањето за европската интеграција на Македонија и односите меѓу двете држави.

