ФБИ ЈА ПОФАЛИ МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА АКЦИЈАТА ПРОТИВ „OLVX“ Уапсен администраторот на илегалниот сајбер-пазар

Американското Федерално истражно биро упати јавна благодарност до Единицата за компјутерски криминал при МВР за успешната акција против платформата преку која, од 2023 до 2025 година, се продавале украдени лични податоци и информации за пристап до кориснички сметки.

ФБИ ЈА ПОФАЛИ МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА АКЦИЈАТА ПРОТИВ „OLVX“ Уапсен администраторот на илегалниот сајбер-пазар
Фото: Принтскрин

Федералното истражно биро на САД (ФБИ) упати официјална јавна благодарност до македонската полиција за успешното апсење на администраторот на илегалниот сајбер-пазар „OLVX“, преку кој се тргувало со украдени лични податоци и информации за пристап до кориснички сметки.

Во објавата, ФБИ им честита на партнерите од Единицата за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Македонија за спроведената акција против криминалната платформа.

Според информациите објавени од американското биро, „OLVX“ бил активен во периодот од 2023 до 2025 година, а преку повеќе од 1.500 продавачки профили незаконски биле нудени лични податоци на жртви, како и податоци за најава на нивните кориснички сметки.

Од ФБИ посочуваат дека функционирањето на ваквите нелегални платформи претставува сериозна закана за дигиталната безбедност, бидејќи ги изложува на ризик личните информации и онлајн-сметките на илјадници американски граѓани.

„Оваа акција претставува прва операција во областа на сајбер-криминалот координирана помеѓу ФБИ и Северна Македонија и ја одразува посветеноста на ФБИ за соработка со партнери ширум светот, со цел заштита на американскиот народ во сајбер-просторот“, наведуваат од американското биро.

Јавната благодарност од ФБИ ја истакнува меѓународната соработка во борбата против сајбер-криминалот и улогата на македонските истражни органи во откривањето и разбивањето на криминални мрежи што дејствуваат преку интернет.

CATEGORIES
Share This