ФРАНЦИЈА ВРИЕ: 480.000 ЛУЃЕ НА УЛИЦИТЕ Макрон попушти, младите и студентите се во право
Масовните протести на средношколците и студентите ја раздвижија Франција. Макрон призна дека младите имаат оправдани барања, но предупреди на политичка злоупотреба на незадоволството и неприфатливо насилство на улиците.

Франција се соочува со бран масовни младински протести, откако стотици илјади средношколци, студенти и граѓани излегоа на улиците барајќи поголеми вложувања во образованието и подобри услови во училиштата.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска побара од Владата во наредните денови да понуди конкретни решенија за барањата на младите, признавајќи дека нивното незадоволство има оправдана основа.
„Младите луѓе изразуваат оправдана загриженост“, изјави Макрон, пренесува францускиот весник „Фигаро“.
Сепак, францускиот претседател предупреди дека протестите не смеат да бидат искористени за политички цели или да прераснат во насилни судири.
Тој изрази жалење што, според неговата оценка, младинското незадоволство политички се злоупотребува, а дел од протестите се претвораат во урбано насилство со неприфатливи сцени.
Според објавените податоци, на вчерашните демонстрации низ Франција учествувале околу 480.000 луѓе, откако средношколците повикале на масовни протести.
Главните барања на демонстрантите се насочени кон зголемување на буџетските средства за училиштата и образовниот систем.
Масовноста на протестите го зголемува притисокот врз француската Влада да понуди конкретни одговори, додека Макрон се обидува да направи разлика меѓу легитимните барања на младите и насилството што го осуди.

