МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО ОПОЗИЦИЈАТА – ЕУ останува цел, но не сакаме само да ги почнеме преговорите
Премиерот порача дека Владата не отстапува од европскиот пат, но целта е процесот да заврши со полноправно членство, а не само со отворање на преговорите. Потврди дека се води дијалог со Бугарија и ја повика опозицијата директно да се вклучи.

Европската Унија останува непроменета стратешка определба на Македонија, но амбицијата на Владата не е само да ги започне пристапните преговори, туку и успешно да ги заврши со полноправно членство. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање за деблокирањето на евроинтегративниот процес.
Прашањето го постави пратеничката Арбана Пашоли од Европскиот фронт, која побара одговор за владината стратегија за надминување на застојот и отворање на преговарачките поглавја.
„Европската Унија останува наша стратешка цел и тука нема поместување ниту милиметар. Ние сакаме тој процес, како што сме кажале многупати во минатото, да го почнеме и да го завршиме, не само да го почнеме“, истакна Мицкоски.
Премиерот упати и критика до опозицијата, посочувајќи дека со текот на времето се менува нејзината реторика во однос на решенијата за европската интеграција.
Според него, она што претходно се претставувало како решение за членство во Европската Унија, сега се опишува како решение единствено за почеток на пристапните преговори.
„Гледате како се менува постепено реториката во Парламентот, од седница во седница, од месец во месец, од година во година. Кога и самите вие велевте дека ова е решение за членство, сега велите дека е решение за почеток на преговори, што е точно“, рече Мицкоски.
Во однос на отворените прашања со Бугарија, премиерот нагласи дека Владата продолжува со дијалогот и изрази подготвеност во процесот да биде вклучена и опозицијата предлагајќи опозициските партии да номинираат свои претставници во тимот што ќе го води дијалогот со Софија. Премиерот порача дека Владата е подготвена да ги прифати предлозите на опозициските партии за нивно учество во разговорите со Бугарија, оценувајќи дека е потребен поширок политички пристап кон прашањето што со години го блокира напредокот на Македонија кон ЕУ.
„Во овој дијалог што го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие, како здружена опозиција на неколку политички партии, предложете претставници да бидат дел од тимот што ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно ќе го почитуваме тоа“, рече Мицкоски.
Според премиерот, актуелната состојба е последица на политиките на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ. Тој посочи дека сегашната Влада работи на промена на перцепцијата кај европските партнери и на создавање услови за деблокирање на пристапниот процес.
„Тој процес е бавен, но се случува, и тоа е реалност“, рече Мицкоски, посочувајќи ги како примери неодамнешните контакти меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, како и средбите со еврокомесарката Марта Кос.
Како следен чекор, Мицкоски го најави усогласувањето на Акцискиот план за малцинствата. Според неговото образложение, документот е прифатен од 26 земји членки на Европската Унија, но сè уште нема согласност од Бугарија.
Премиерот нагласи дека ова прашање останува важно дури и во случај на промена на Уставот, бидејќи, како што рече, самите уставни измени не би биле доволни за продолжување на преговорите без усогласување на планот.
„Дури и утре да одлучите да го промените Уставот на начин на кој сте одлучиле, повторно нема да биде доволно тоа за да ги продолжиме преговорите, бидејќи треба да имаме усогласен Акциски план за малцинствата. Така што, ние најпрво ќе го усогласиме Акцискиот план за малцинствата“, изјави Мицкоски.
Со оваа порака премиерот повторно го стави во преден план прашањето за условите под кои Македонија би можела да го продолжи пристапниот процес, но и потребата од поширок политички консензус за преговорите со Софија.
Повикот до опозицијата доаѓа по претходните најави за воспоставување заеднички механизам за соработка меѓу власта и опозицијата. Во април 2025 година, премиерот Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на билатерална средба постигнаа начелна согласност за формирање заеднички работни групи за реформската агенда, но најавениот механизам не профункционира.
Средбата беше одржана на барање на Филипче, а во фокусот беа можностите за нов модел на политичка соработка за прашања од поширок јавен интерес. Тогаш беше најавено формирање работни групи за правосудството, енергетиката, како и за одредени стратешки прашања и проекти во здравството.
И двајцата лидери тогаш ја истакнаа потребата од политички консензус за клучните државни прашања, но не беше постигнат договор за заеднички настап во однос на спорот со Бугарија.
Разликите околу евроинтеграциите, уставните измени и пристапот кон Софија останаа, без да биде утврден конкретен механизам преку кој опозицијата би учествувала во креирањето на владината стратегија.
Вклучувањето на опозицијата во евроинтегративниот процес со години е едно од спорните прашања во односите меѓу политичките партии. Досегашната практика покажува дека клучните решенија најчесто биле носени без суштинско учество на опозициските партии, што подоцна предизвикувало политички несогласувања околу нивната содржина и прифатливост.
Прашањето за утврдување заеднички државни позиции беше актуализирано во повеќе наврати, меѓу другото, преку резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ од 2021 година, предлог-резолуцијата на СДСМ од 2025 година и Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, промовирана од движењето ЗНАМ во декември 2024 година.
Останува да се види дали најновиот повик на Мицкоски ќе резултира со конкретен договор за учество на опозицијата во разговорите со Бугарија или ќе остане уште една иницијатива за политички консензус без функционален механизам за заедничко дејствување.
Со тоа, Мицкоски ја повтори позицијата дека европската интеграција останува приоритет, но дека политичките решенија треба да бидат насочени кон конечната цел – полноправно членство во Европската Унија.

