РАДУКОВ ЈА БРАНИ ИВА МИХАИЛОВА Не ја оправдувам, но ја разбирам
Бугарскиот амбасадор го критикуваше македонското судство и порача дека случајот требало да се третира како хуманитарно прашање, а не да прерасне во политички спор меѓу Скопје и Софија.

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Железко Радуков, смета дека случајот со Ива Михајлова од самиот почеток требало да се третира како хуманитарно прашање, наместо да прерасне во политички спор меѓу Скопје и Софија. Оваа порака ја упати по разговорот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, каде што беше повикан поради случувањата поврзани со заминувањето на Михајлова во Бугарија.
Радуков ги отфрли информациите дека Михајлова била официјално пречекана од бугарските власти, тврдејќи дека никој од државниот врв сè уште не остварил средба со неа.
„Никој сè уште не ја сретнал и не ја пречекал во Бугарија г-ѓа Михајлова“, изјави амбасадорот, додавајќи дека е разбирлива загриженоста за нејзината здравствена состојба, вклучително и кај потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
Тој ги повика медиумите внимателно да ги проверуваат информациите, особено кога станува збор за чувствителни прашања што можат дополнително да ги влошат односите меѓу двете држави.
Амбасадорот потврди дека на средбата во МНР била изразена загриженост поради последните случувања, но нагласи дека и за бугарската страна пристигнувањето на Михајлова во Софија било изненадување.
Според него, бугарските институции не биле однапред информирани за нејзиното доаѓање, а нејзината одлука да замине во Бугарија ја поврза со влошената здравствена состојба и недовербата во институциите.
Радуков упати критики и кон македонскиот правосуден систем, повикувајќи се на ниската доверба на граѓаните во судството. Тој оцени дека таквата состојба може дополнително да го засили чувството на несигурност кај лицата што се соочуваат со судски постапки.
Амбасадорот посочи и дека постојат законски механизми со кои лица на кои им е ограничено движењето можат да добијат дозвола за лекување во странство, прашувајќи зошто таквата можност не била применета во случајот со Михајлова.
„Како може да има доверба во системот кога надлежната здравствена институција во Северна Македонија наведува дека третманот што ѝ е потребен не може да се примени во оваа земја, а во исто време високи политички фактори наведуваат дека сè е во ред и дека таа ја добива здравствената заштита што ѝ е потребна“, праша Радуков.
Тој нагласи дека не мора да ја оправдува одлуката на Михајлова да замине во Бугарија, но дека може да ги разбере околностите во кои, според него, таа ја донела.
„Можеби не ја поддржувам донесената одлука, но во таква ситуација на очај, целосно ја разбирам“, изјави бугарскиот амбасадор.
Случајот со 23-годишната Ива Михајлова од Кочани започна по тешката сообраќајна несреќа на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип, во која загина едно лице, а повеќе луѓе беа повредени. Михајлова, која исто така се здобила со сериозни повреди на ‘рбетот, е обвинета во постапката поврзана со несреќата, но ја оспорува верзијата на обвинението за нејзините причини.
Таа тврди дека другото возило навлегло во нејзината сообраќајна лента, додека нејзината одбрана се повикува и на независни вештачења со кои ги оспорува заклучоците на обвинителството.
По несреќата, на Михајлова ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, а била определена и мерка со која не смеела да го напушта Кочани. Нејзината одбрана во повеќе наврати барала да ѝ биде овозможено лекување во Бугарија, повикувајќи се на влошувањето на здравствената состојба и потребата од специјализиран третман.
Михајлова, која има двојно државјанство, замина во Бугарија и изјави дека легално ја минала границата со својот адвокат и дека во Софија се чувствува безбедно. Нејзиното пристигнување предизвика реакции во двете земји и отвори прашања за околностите под кои ја напуштила Македонија, како и за почитувањето на судските мерки што ѝ биле определени.
Бугарските медиуми опширно известуваа за случајот, вклучително и за нејзините изјави за здравствената состојба и престојот во Софија.
Додека бугарската страна го става во преден план хуманитарниот аспект и потребата од медицински третман, во Македонија остануваат отворени сериозни правни прашања: дали биле почитувани мерките за обезбедување присуство во судската постапка, како Михајлова ја напуштила државата и дали институциите постапиле согласно своите надлежности.
Радуков изрази надеж дека случајот нема дополнително да ги наруши односите меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи дека не треба да се користи за политички пресметки.
Сепак, спорот веќе доби дипломатска димензија. Во центарот на вниманието се најдоа не само здравствената состојба на Михајлова и барањата за лекување во странство, туку и одговорноста на институциите, спроведувањето на судските одлуки и начинот на кој двете држави комуницираат за чувствителниот случај.
Прашањето што останува е дали хуманитарните потреби можеле да бидат решени преку законските механизми, без да се доведе во прашање спроведувањето на судската постапка за несреќата со смртни последици.

