СУДСКА ЗАБРАНА, А ПРИЕМ НА ВИСОКО НИВО ВО СОФИЈА Правда реагира за Ива Михајлова

Министерството предупредува дека националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман и бара доследно почитување на судските одлуки.

СУДСКА ЗАБРАНА, А ПРИЕМ НА ВИСОКО НИВО ВО СОФИЈА Правда реагира за Ива Михајлова
Фото: Принтскрин

Министерството за правда изрази сериозна загриженост поради случајот со Ива Михајлова и нејзиниот прием на високо државно ниво во Софија, во услови кога, според Министерството, сè уште е во сила судска забрана.

Во официјалната реакција, Министерството нагласува дека владеењето на правото подразбира еднаквост на сите граѓани пред законот, почитување на судските одлуки и доследно спроведување на законските процедури, без привилегии и исклучоци.

„Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот. Како соседни држави посветени на европската перспектива, имаме обврска односите да ги градиме врз заемна доверба, почитување и ефикасна правна соработка“, се наведува во соопштението.

Од Министерството потенцираат дека добрососедските односи подразбираат почитување на правните обврски, како и на независноста на судските постапки.Истовремено, се нагласува потребата од институционален дијалог и соработка меѓу двете држави, со цел отворените прашања да се решаваат врз основа на утврдени факти, важечките закони и меѓународните правни механизми.

„Европските вредности не се само декларација, туку обврска. Правдата мора да важи за сите, без исклучок и без селективност“, порачуваат од Министерството за правда.

Реакцијата доаѓа во контекст на случајот со Михајлова, кој отвори нови прашања за почитувањето на судските одлуки и правната соработка меѓу Македонија и Бугарија.

CATEGORIES
Share This