БАЧЕВ ЗА НАЦИОНАЛ: По изјавите од Софија, нема дилема кој е „грабнувачот“ на Ива по теркот на Мадуро
Претседателот на Единствена Македонија тврди дека изјавите на бугарските функционери отвораат сомнежи за можна вмешаност на бугарското МВР и безбедносните служби.

Професорот и претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, за „Национал“ го коментираше денешното заминување на Ива Михајлова во Бугарија, оценувајќи дека внимателното слушање на изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Демерџиев, бугарската претседателката Јотова и адвокатот на Михајлова отвора сериозни сомнежи за организираност на целиот случај.
„Доволно внимателно ги слушнав и анализирав изјавите на бугарскиот министер Демерџиев, претседателката Јотова и адвокатот на Ива Михајлова. Од начинот на кој зборуваат, нивните формулации, конотации, изборот на зборови, интонацијата, начинот на кој ги конструираат изјавите, како и одредени психолошки сигнали и меѓусебната усогласеност во нивните настапи, за мене нема дилема дека станува збор за организиран случај во кој е вмешана бугарската држава, поточно бугарското МВР, а уште поконкретно некоја од безбедносните служби, без оглед дали станува збор за јавната или државната безбедност“, истакнува Бачев.
Тој нагласува дека сега пред македонските разузнавачки и безбедносни служби стои голем предизвик да ги утврдат сите околности, да ги откријат евентуалните заднини и да расветлат дали и на кој начин бугарските институции биле вклучени во случајот.
„Сега останува големиот предизвик за македонската тајна служба да се обиде да го открие и расветли целиот случај. Македонските институции мора да постапат сериозно и професионално, за да се утврди вистината и да нема неодговорени прашања“, порачува Бачев.
Бачев иронично го споредува случајот со грабнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, оценувајќи дека Бугарите очигледно учат од Доналд Трамп со грабнувањето на Ива Михајлова, па сега следуваат објаснувања што повеќе личат на приказни за забава на народот отколку на сериозни одговори.
„Сега веројатно ќе слушаме кој бил стрина, кој вујна, кој ојле-дoјле и кој наводно помогнал Ива Михајлова да замине во Бугарија. Ќе ни раскажуваат споредни приказни за да се забавува народот, официјална Софија ќе глуми лудило, а суштинските прашања ќе останат без одговор. Ако навистина сè е толку едноставно, тогаш зошто толку многу објаснувања?“, иронизира Бачев.

