МИЦКОСКИ: Без оваа делница се што правиме нема смисла

Почна изградбата на автопатот Кичево – Букојчани – клучната алка за автопатско поврзување на Скопје и Охрид и големата инфраструктурна амбиција на Македонија.

МИЦКОСКИ: Без оваа делница се што правиме нема смисла
Фото: Принтскрин

Без делницата Кичево – Букојчани, останатите инфраструктурни инвестиции не би ја имале вистинската смисла, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешниот почеток на изградбата на автопатот.

Тој нагласи дека станува збор за клучен дел од инфраструктурната стратегија на државата, со кој автопатското поврзување на главниот град со Охрид добива целина.

„Сè беше кажано, јас нема да се повторувам колку има надвозници, натпатници, тунели и слично, бидејќи претставува навистина предизвик од инженерски аспект. Сега зборувам како инженер, не зборувам како претседател на Владата. Но, она што за мене е значајно е дека без оваа секција сè останато што го правиме немаше смисла“, изјави Мицкоски.

Премиерот оцени дека изградбата на оваа делница претставува сериозен инженерски предизвик поради сложеноста на инфраструктурните објекти, но и значаен чекор кон подобрување на патната поврзаност во земјата.

Проектот е дел од пошироката визија на Владата, поставена во 2024 година, Македонија да се позиционира како регионална инфраструктурна раскрсница, потпирајќи се на четири столба: патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.

„Денеска зборуваме за четири столба, а тоа е да бидеме раскрсница на два паневропски коридори, Коридорот 8 и Коридорот 10, во смисла на патната инфраструктура, железничката инфраструктура, енергетската и гасната“, нагласи Мицкоски.

Според премиерот, реализацијата на ваквите инфраструктурни проекти ќе го зајакне геостратешкото значење на Македонија, ќе отвори можности за привлекување нови инвестиции и ќе придонесе за развој на современи индустрии.

Владата очекува дека со подобрата поврзаност и развојот на транспортните и енергетските коридори ќе се создадат услови за поголема економска активност и повисока додадена вредност за граѓаните и стопанството.

CATEGORIES
Share This