ЧУДО ВО МОРЕТО Паднала од крузер и преживеала речиси 24 часа среде Јонското Море
44-годишна жена од Ел Салвадор била пронајдена жива на околу 70 наутички милји од грчкиот остров Закинтос, откако екипаж на товарен брод го забележал светлото од нејзиниот спасувачки појас.

Жена која паднала од крузер во морето во близина на грчкиот полуостров Пелопонез била пронајдена жива и спасена по речиси еден ден поминат во водата. Информацијата во неделата ја потврди грчката крајбрежна стража.
Станува збор за 44-годишна жена од Ел Салвадор, која била забележана во раните утрински часови во саботата, благодарение на светлото од спасувачкиот појас што го носела. Нејзиното светло го забележал екипажот на товарен брод, кој бил вклучен во големата операција за пребарување и спасување.
Жената била пронајдена во Јонското Море, на околу 70 наутички милји југозападно од островот Закинтос.
Според информациите од грчките власти, кога била пронајдена, таа била свесна. Припадниците на крајбрежната стража ѝ укажале прва помош, по што била пренесена до пристаништето Катаколо, на западниот дел од Пелопонез.
Оттаму била транспортирана во болница во блискиот град Пиргос, каде што требало да остане под медицинско набљудување и да ги помине потребните прегледи.
Грчките власти биле известени рано во петокот дека патничката паднала во морето од крузер што пловел под знамето на Бахамите. Во моментот на пријавувањето, бродот се наоѓал на околу 72 наутички милји југозападно од Закинтос.
Веднаш била започната обемна потрага по исчезнатата жена. Во акцијата учествувале два брода на крајбрежната стража, хеликоптер на грчките воздухопловни сили и трговски бродови што пловеле низ поширокото подрачје.
По повеќечасовно пребарување на морската површина, жената била пронајдена жива, откако екипажот на товарниот брод го забележал светлото од нејзиниот спасувачки појас.
Засега не се познати околностите под кои таа паднала од крузерот, ниту како успеала да го издржи речиси еднодневниот престој во морето.

