МИЦКОСКИ СО СИЛНА ПОРАКА ЗА 11 ОКТОМВРИ Слободата не е подарок, туку дело што секоја генерација мора да го продолжи

Премиерот порача дека хероите од пред 85 години ја отвориле вратата на слободата, а наша должност е таа никогаш да не се затвори и идните генерации да живеат подобро, послободно и подостоинствено.

МИЦКОСКИ СО СИЛНА ПОРАКА ЗА 11 ОКТОМВРИ Слободата не е подарок, туку дело што секоја генерација мора да го продолжи
Фото: Принтскрин

По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до граѓаните, нагласувајќи дека овој историски датум не треба да биде само потсетување на минатото, туку и повик за одговорност кон иднината на Македонија.

Во објавата на Фејсбук, Мицкоски се осврна на храброста и пожртвуваноста на борците кои пред 85 години, без гаранција за победа и без сигурност дека ќе се вратат во своите домови, ја започнале борбата за слобода.

„Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот“, напиша премиерот.

Тој истакна дека генерацијата која го започнала востанието успеала да го направи она што во тоа време изгледало невозможно – да го отвори патот кон слободата и да ги постави темелите за иднината на македонската држава.

Според Мицкоски, денешните генерации имаат историска обврска да го зачуваат она за што се бореле нивните предци и да создадат услови за подобар и подостоинствен живот.

„Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, порача Мицкоски.

Премиерот нагласи дека слободата не претставува завршено историско поглавје, туку трајна вредност што бара посветеност, одговорност и постојана грижа од секоја нова генерација.

Во својата празнична порака тој повика 11 Октомври, покрај ден на почит кон хероите од минатото, да биде и потсетник на обврската за зачувување на слободата и достоинството на Македонија.

„Честит 11 Октомври! Да е вечна Македонија!“, ја заврши својата честитка премиерот Христијан Мицкоски.

CATEGORIES
Share This