ДЕСЕТ ВОЗАЧИ ПРИВЕДЕНИ ЗА 24 ЧАСА Еден имал речиси 2 промили алкохол, други возеле без дозвола

МВР спроведе акции низ државата – четворица возеле без положен испит, тројца ја прекршиле активната забрана, а меѓу приведените има и малолетници.

ДЕСЕТ ВОЗАЧИ ПРИВЕДЕНИ ЗА 24 ЧАСА Еден имал речиси 2 промили алкохол, други возеле без дозвола
Фото: Национал

Десет возачи биле лишени од слобода на различни локации низ државата во изминатите 24 часа поради безобѕирно управување со моторно возило, информира Министерството за внатрешни работи.

Меѓу приведените, четворица управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за Т.Т. (43) од Битола, О.И. (44) од Кичево, малолетник од Скопје и М.С. (35) од кавадаречкото село Ваташа, кој управувал трактор.

Двајца возачи биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол. Кај Д.Б. (21) од Скопје биле измерени 1,99 промили алкохол во крвта, додека кај Ј.Г. (67) од Штип биле утврдени 1,77 промили.

Уште тројца возачи биле приведени затоа што управувале возило и покрај активната забрана за управување. Тоа се З.С. (55) и И.С. (54) од Кичево, како и С.М. (58) од селото Илиово, Делчевско.

Меѓу приведените е и малолетник од Неготино, кој управувал нерегистриран мотоцикл без возачка дозвола.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возило без положен возачки испит, со активна забрана или под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.

CATEGORIES
Share This