ЧЕТИРИ ПОРАЗИ И БЕЗ ГОЛ Македонија падна на 71. место на ФИФА листата
„Црвено-жолтите“ загубија две позиции по лошиот циклус во Лигата на нации, а пред Македонија од поранешна Југославија остануваат Хрватска, Србија, Словенија и БиХ

Македонската фудбалска репрезентација падна две места на најновата ФИФА ранг-листа и сега се наоѓа на 71. позиција.
Падот следува по циклусот од четири натпревари во Лигата на нации, во кој Македонија претрпе четири порази и не постигна ниту еден гол.
Нашата репрезентација двапати загуби од Швајцарија со 3:0, додека претрпе порази и од Словенија и Шкотска со по 2:0. Ваквиот резултат се одрази и на пласманот на светската ранг-листа.
Меѓу репрезентациите од поранешна Југославија, Македонија е пред Косово, кое е на 76. место, и Црна Гора, која е 79-та. Најдобро рангирана е Хрватска на 14. место, по која следуваат Србија на 44., Словенија на 52. и Босна и Херцеговина на 57. позиција.
Во Топ 10 се наоѓаат Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Португалија, Бразил, Мароко, Белгија, Холандија и Мексико. Португалија забележа најголем напредок меѓу десетте најдобри, искачувајќи се за две места.
ФИФА следната ранг-листа ќе ја објави на 18 ноември.

