ПЕТ КАНДИДАТИ, ЕДЕН ПОБЕДНИК Кој ќе ја освои наградата „Драги“

Од англиски, холандски и кинески јазик до македонски – на 16 октомври ќе биде прогласен најдобриот превод за 2026 година.

ПЕТ КАНДИДАТИ, ЕДЕН ПОБЕДНИК Кој ќе ја освои наградата „Драги“
Фото: Принтскрин

Пет преводи се најдоа во финалниот круг за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик за 2026 година. Одлуката ја донесе жирито во состав Иван Џепароски, претседател, и членовите Владимир Цветкоски и Јана Михајловска.

Во конкуренција се преводи на петмина искусни преведувачи, направени од три светски јазици – англиски, холандски и кинески.

Финалисти се:

  • Ана Пејчинова – „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, превод од англиски јазик, „Полица“, 2024;
  • Даниела Спироска – „Песни“ од Дилан Томас, превод од англиски јазик, „ПНВ Публикации“, 2026;
  • Ели Пујовска – „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, превод од холандски јазик, „Струшки вечери на поезијата“, 2026;
  • Игор Радев – „Безначајни песни“ од Шји Чуан, превод од кинески јазик, „Струшки вечери на поезијата“, 2026;
  • Никола Ѓелинчески – „Неред“ од Питер Мекеј, превод од англиски јазик, „Струшки вечери на поезијата“, 2026.

Добитникот на наградата ќе биде соопштен на 16 октомври во 12 часот, на свеченост во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Настанот се одржува по повод 75 години од раѓањето на Драги Михајловски.

На свеченоста ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска. Наградата му се доделува за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавен од „ТИМ прес“ од Загреб.

Годинашното доделување на наградата го реализира издавачката куќа „Антолог“, со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

За наградата првично биле номинирани 24 дела, преведени од 27 преведувачи, објавени од девет издавачки куќи. Преводите опфаќале 12 различни јазици и дела од 22 странски автори, а со двете антологии биле застапени творби од околу сто светски поети.

Ова е првпат наградата „Драги“ да биде доделена за превод на поетско дело.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е востановена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на самиот Драги Михајловски (1951–2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.

Михајловски остави значаен белег во македонската култура и со препевите на Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк и Елиот, како и со своите студии и есеи за теоријата на преводот.

CATEGORIES
Share This