МИЦКОСКИ УВЕРУВА Пензискиот систем е стабилен, пензионерите да не се грижат

Премиерот порача дека парите за пензиите се обезбедени и најави дека секоја идна промена во политиките навреме ќе ѝ биде соопштена на јавноста.

МИЦКОСКИ УВЕРУВА Пензискиот систем е стабилен, пензионерите да не се грижат
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека пензискиот систем е стабилен и дека пензионерите немаат причина за загриженост.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека Владата смета оти состојбата е „апсолутно стабилна и сигурна“, нагласувајќи дека пензионерите треба да бидат спокојни.

„Имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи“, рече премиерот.

Во однос на изјавите на директорот на ПИОМ, Мицкоски посочи дека не мора секогаш да постои согласност во ставовите, но оти Владата има јасна проценка за состојбата.

Тој нагласи дека актуелната Влада ги зголемила пензиите во просек повеќе од која било друга влада во периодот на независноста на Македонија.

Мицкоски додаде дека доколку во иднина бидат донесени поинакви политики во однос на пензискиот систем, јавноста навреме ќе биде информирана.

„Парите се тука, но треба да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат и да се насочат онаму каде што тие пари се потребни“, порача премиерот.

CATEGORIES
Share This