СТИГНА ИНФОРМАЦИЈА ОД ХРВАТСКА Привремено се стопира БСЖ вакцинацијата во Македонија
Комисијата за имунизација ги проверува сериите на вакцината од истиот производител по пријави за несакани реакции во Хрватска.

Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за имунизација донела одлука за времено одложување на имунизацијата со БСЖ вакцината, додека се проверуваат сериите што се користат во земјава. Одлуката следува по информациите објавени во хрватските медиуми за појава на несакани реакции кај лица вакцинирани со БСЖ вакцина од истиот производител.
„Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава“, информираат од Министерството за здравство.
Од Министерството нагласуваат дека БСЖ вакцинацијата во земјава е задолжителна, имајќи предвид дека Македонија се смета за земја со висок ризик од туберкулоза.
Според податоците што ги објави Министерството, во моментов на Институтот за ТБЦ се лекуваат 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се регистрирани во текот на оваа година. Во Детската болница „Козле“ во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во 2026 година досега се регистрирани 12 нови случаи.
Поради тоа, Комисијата за имунизација одлучила привремено да ја одложи вакцинацијата до добивањето целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавените несакани реакции.
Од Министерството посочуваат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцината. Пријавата била поднесена во август 2022 година и се однесувала на појава на апсцес на местото на апликација.
Според Министерството, таквата реакција е наведена и во упатството за употреба на вакцината.

