МИЛОШОСКИ ОТКРИВА – ВМРО-ДПМНЕ ќе подржи една изборна единица, дијаспората мора да гласа
Пратеникот вели дека партијата и претходно го застапувала овој став, но договорот пропаднал поради различните предлози на политичките партии.

ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да поддржи модел со една изборна единица, доколку политичките партии постигнат општ консензус за такво решение, изјави пратеникот Антонијо Милошоски. Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ и во претходните разговори се залагала за една изборна единица, но тогаш не било постигнато потребното политичко усогласување.
Милошоски посочи дека во претходните разговори имало повеќе различни предлози од политичките партии. Според него, дел од партиите биле против една изборна единица – едни предлагале осум изборни единици, друга политичка партија предлагала три, додека ДУИ предложила врзан праг од пет проценти како услов за модел со една изборна единица.
„Ние и на претходните разговори како ВМРО-ДПМНЕ го искажавме нашиот став дека сме за една изборна единица и повеќе партии го делеа овој став“, изјави Милошоски.
Тој оцени дека токму различните предлози го отежнале постигнувањето консензус.
„Доколку се постигне консензус, ние немаме никаков проблем да има една изборна единица“, истакна Милошоски.
Исто така, Милошовски посочува дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека македонските државјани кои живеат во странство треба да можат да го остварат правото на глас електронски или по пошта. Работната група денеска треба да одржи состанок во Министерството за правда, со цел усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и разгледување на предлози за унапредување на изборното законодавство.
Милошоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ на состанокот ќе учествува со, како што рече, конструктивен и аргументиран пристап, со цел процесот да заврши со што е можно поширок политички консензус. Тој посочи дека за партијата остануваат важни две прашања – учеството на сите политички субјекти во процесот и регулирањето на средствата за политичко рекламирање во изборна кампања.

