МИЦКОСКИ ПРЕДУПРЕДУВА Една работа може да го запали целиот Балкан
Премиерот вели дека тензиите во регионот растат и предупредува дека навидум мал проблем може да прерасне во сериозна криза.

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека тензиите во Западен Балкан повторно се зголемуваат и дека навидум мал проблем може да предизвика сериозна криза, па дури и конфликт во регионот.
Мицкоски за состојбите во регионот говореше по средбата на лидерите од Западен Балкан со високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во Њујорк.
Тој посочи дека дел од темите на состанокот го потсетиле на атмосферата од почетокот на 90-тите години.
„Ме изненадува фактот што може една работа да го запали целиот регион, која можеби навидум не изгледа толку голема однадвор или од нашата оптика, можеби како Македонија, но очигледно дека една едноставна работа може да предизвика сериозни тензии во општествата“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека таквите тензии потенцијално би можеле да прераснат во конфликт, иако, како што нагласи, не очекува такво сценарио.
„Тие тензии може да прераснат во некој конфликт. Не очекувам, но чувството мое беше такво и бев загрижен“, изјави тој.
Мицкоски не откри на кој конкретен спор или однос меѓу земјите во регионот се однесува неговото предупредување. Сепак, според него, дискусијата била доволно сериозна за од Европската Унија да побара побрза и поконкретна реакција.
Според Мицкоски, долгото чекање на земјите од Западен Балкан во процесот на европската интеграција создава фрустрации кај граѓаните. Тој на средбата со Калас побарал од ЕУ „брзи испораки“, односно конкретни и видливи чекори што ќе покажат дека европската интеграција носи реални придобивки за граѓаните во регионот.
Мицкоски во изминатите денови во Њујорк повеќепати го истакна и европскиот пат на Македонија. Во обраќањето пред Генералното собрание на ОН порача дека членството во ЕУ останува стратешка определба на земјата, но побара процесот да се темели на мерливи критериуми и заслуги, без постојано отворање нови билатерални прашања.
Предупредувањето доаѓа во период кога во Западен Балкан и натаму се присутни повеќе нерешени политички и меѓуетнички прашања, додека европската интеграција останува едно од клучните прашања во односите меѓу Брисел и земјите од регионот.

