АМЕРИКАНСКА ЗАКАНА ВО АТИНА Можеме да ја смениме владата
„Волстрит џурнал“ објави наводи од вечера на која Гилфојл влегла во остар конфликт со грчки министер

Американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, наводно изјавила дека САД имаат можност да предизвикаат промена на владата во која било земја, вклучително и во Грција. Наводите ги објави „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на дипломатски извори кои присуствувале на вечерата, како и на други лица запознаени со разговорот.
Според весникот, инцидентот се случил за време на вечера во Атина во март, на која присуствувале грчки и американски функционери.
Гилфојл, според изворите на WSJ, влегла во вербален конфликт со грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, во разговор за политичката криза во Романија во тој период.
Во текот на расправата, американската амбасадорка, според истите извори, наводно рекла дека САД можат „да ја променат владата во која било земја“, додавајќи:
„Ние сакаме да го направиме тоа тука (во Грција)“.
Наводите се темелат на сведоштва на лица присутни на вечерата и други извори запознаени со разговорот, објавува „Волстрит џурнал“.

