ФЕИТ СО ПОРАКА ДО МЛАДИТЕ Не бидете само корисници, создавајте ја технологијата на иднината
ФЕИТ и МОН со порака: Повеќе инвестиции во науката, технологијата и младите истражувачи.

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) се приклучи кон одбележувањето на Европската ноќ на истражувачите во Македонија, со активности посветени на науката, технологијата и младите истражувачи.
Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, истакна дека факултетот со години ги отвора вратите за нови идеи, технологии и млади научници.
„ФЕИТ денес е меѓу најуспешните високообразовни институции во земјата според бројот и обемот на меѓународните истражувачки и развојни проекти. Но, успехот не е само во бројките, туку во тоа што знаењето го претвораме во технологија, иновации и конкретни решенија за општеството“, рече Атанасовски.
Тој посочи дека ФЕИТ го основал ИНОФЕИТ и го поставил првиот Европски дигитален иновациски хаб во Македонија, со цел поврзување на академијата, индустријата и младите иноватори.
„Работилниците што ги реализираме, од обновливи извори на енергија до технологии за нејзино претворање, покажуваат што значи современата електротехника. Таа денес е во срцето на енергетската, дигиталната и зелената трансформација“, додаде деканот.
Атанасовски упати порака до младите да не останат само корисници на технологијата, туку да бидат оние што ќе ја создаваат технологијата на иднината, со поддршка од ФЕИТ.
Јаневска: Науката е столб на националниот развој
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека целта на Европската ноќ на истражувачите е да се подигне свеста за значењето на науката како еден од столбовите на развојот на општеството.
Таа потсети дека иницијативата минатата година добила институционална поддршка од УКИМ, УКЛО, УГД и МАНУ, а од годинава Македонија е дел од европската мапа на земји што ја одбележуваат науката.
Јаневска информираше дека буџетот за наука е зголемен од 380 милиони денари во 2024 година, на 680 милиони денари минатата година, додека годинава се обезбедени 773 милиони денари за поддршка на научноистражувачките установи и академската и научната заедница.
Според неа, државата минатата година финансирала околу 50 научноистражувачки проекти на универзитетите, МАНУ и во бизнис-заедницата, усогласени со целите на Стратегијата за паметна специјализација.
Министерката посочи и дека е обезбеден бесплатен пристап до научните бази „Web of Science“ и „Scopus“, подготвени се нови законски решенија за високото образование и научноистражувачката дејност, а во подготовка е и првиот научно-технолошки парк под капа на државата.
„Остануваме посветени на оваа агенда и верувам дека научноистражувачката дејност ќе се развива, ќе се популаризира меѓу младите и ќе остане столб на националниот просперитет“, порача Јаневска.

