БАЛКАНОТ ПОВТОРНО ВРИЕ Пленковиќ и Вучиќ се судрија пред очите на светот
Остри пораки од говорницата на ОН – во новата пресметка влегоа Хрватска, Србија, Младиќ, Косово и европскиот пат на Белград.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ остро реагираше на говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ во Генералното собрание на Обединетите нации, во кој српскиот лидер го обвини Западот за двојни стандарди кон Србија и повторно ја нападна Хрватска.
Вучиќ во својот говор се осврна на интервенцијата на НАТО во 1999 година, оценувајќи дека во случајот со Србија биле прекршени принципите на Повелбата на ОН. Тој истовремено ја обвини Хрватска дека е „горда на своето нацистичко минато“.
Пленковиќ денеска оцени дека Вучиќ продолжува со, како што ја нарече, неоснована кампања против Хрватска, за која, според него, не верува ниту самиот српски претседател.
„Наместо да се посипува со пепел за она што го подготвија, тој очигледно продолжува со таа неоснована кампања за клевета за Хрватска во која не верува, а камоли меѓународната заедница“, изјави Пленковиќ, пренесува ХРТ.
Хрватскиот премиер притоа се повика на реакциите по погребот на Ратко Младиќ во Белград, кој беше осуден за воени злосторства пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. Пленковиќ во својот говор пред Генералното собрание на ОН претходната вечер посебно го спомена погребот на Младиќ и фактот дека на него биле присутни воени и официјални почести.
Тој оцени дека ваквите сцени претставуваат спротивност на европските вредности и дополнително го оддалечуваат Белград од европската интеграција. Во истата рамка се огласи и претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој во говорот во ОН предупреди на зголеменото вооружување на Србија и на, како што оцени, можните последици за соседните држави.
Новата размена на остри пораки меѓу Белград и Загреб доаѓа во период на зголемени тензии во регионот, особено околу односите меѓу Србија и Косово, вооружувањето и европската перспектива на Србија. Српските медиуми го протолкуваа говорот на Пленковиќ во ОН како закана дека Хрватска би можела да го блокира европскиот пат на Србија.
Србија со години без напредок во преговорите Патот на Србија кон Европската Унија веќе подолго време бележи застој. Во последните години Белград нема направено значаен напредок во отворањето и затворањето преговарачки поглавја. Меѓу клучните прашања се усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, особено односот кон санкциите против Русија, како и нерешените односи меѓу Белград и Приштина.
Европската Унија бара напредок во процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, додека Брисел истовремено изразува загриженост и за состојбата со демократијата и владеењето на правото во Србија.
Дел од европските политичари и медиуми веќе подолго време предупредуваат на засилување на националистичката реторика во Србија и на враќање на теми карактеристични за периодот на Слободан Милошевиќ. Погребот на Младиќ повторно го стави ова прашање во фокусот на регионалната и европската јавност.
Дополнителен интерес предизвика и документарецот „Притаени граници на српскиот свет“, изработен од бугарски новинари, во кој се изнесуваат тврдења дека делови од српскиот политички естаблишмент и натаму имаат амбиции за регионално влијание и територијално проширување, како и дека во современа Србија се врши ревизија на наследството на Милошевиќ.
Новата вербална пресметка меѓу Белград и Загреб, во комбинација со прашањата за вооружувањето, Косово и европската интеграција, повторно го врати Западен Балкан во фокусот на европската политика.
ВУЧИЌ ОД ОН Стариот меѓународен поредок се распадна, се раѓа нов свет со два центри на моќ

