ТРАМП И СИ ОЧИ ВО ОЧИ ВО БЕЛАТА КУЌА Трговска битка, чипови, вештачка интелегенција и Тајван на маса
Вашингтон и Пекинг бараат нов баланс во односите, додека Демократите предупредуваат на отстапки кон Кина; Си порача САД да бидат „претпазливи“ за Тајван, а Трамп најави „поурамнотежен трговски однос“

Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска се сретнаа во Белата куќа, во рамки на државната посета на кинескиот лидер на Соединетите Американски Држави.
Трамп и неговата сопруга Меланија го пречекаа Си Џинпинг и неговата сопруга Пенг Лијуан пред Белата куќа, каде што беше организиран свечен пречек со воена парада. Четворицата потоа позираа за фотографии на црвениот тепих, пред да влезат во претседателската резиденција.
Во фокусот на разговорите меѓу Трамп и Си беа трговските односи меѓу двете најголеми светски економии, вештачката интелигенција, критичните минерали и стратешкото соперништво меѓу Вашингтон и Пекинг.
Трамп изјави дека неговиот однос со Си е изграден врз „меѓусебно почитување“, додавајќи дека двете земји постигнале „огромен напредок“ во прашањата со кои се соочуваат.
Американскиот претседател нагласи дека Вашингтон и Пекинг работат кон „поурамнотежен трговски однос“, вклучително и преку подобар пристап до кинескиот пазар за американските земјоделци и сточари.
СИ ГО ПОТЕНЦИРА ТАЈВАН
Една од клучните теми на разговорите беше и Тајван. Си Џинпинг побара од САД да бидат „претпазливи“ во однос на ова прашање, со што Пекинг повторно ја нагласи чувствителноста на темата во односите со Вашингтон.
Тајван е една од најзначајните точки на стратешкото соперништво меѓу Кина и САД, особено во контекст на американската воена и политичка поддршка за островот и кинеското инсистирање дека Тајван е дел од Кина.
ДЕМОКРАТИТЕ ГО КРИТИКУВАА САМИТОТ
Во меѓувреме, сенаторите од Демократската партија во американскиот Конгрес ја критикуваа средбата, оценувајќи дека церемонијалниот дел од посетата бил во преден план во однос на конкретните резултати за вештачката интелигенција, трговијата и критичните минерали.
Демократите особено ја критикуваа одлуката на администрацијата на Трамп да ги ублажи ограничувањата за извоз на напредни чипови во Кина, како и продолжувањето на примирјето во трговскиот спор меѓу двете земји.
Тие оценија дека договорот не ги решава доволно проблемите во глобалните синџири на снабдување, особено во однос на кинеската доминација во обработката на ретките земји.
„Успешно ќе се натпреваруваме со Кина само преку континуирано инвестирање во сопствените капацитети, тесна координација со сојузниците и цврста одбрана на нашите демократски вредности“, порачаа демократите.
МОМЕНТ НА ОПУШТАЊЕ ВО БЕЛАТА КУЌА
За време на обиколката на Белата куќа, Трамп му покажа на Си врамена фотографија од „автопен“, поставена наместо портрет на поранешниот претседател Џо Бајден.
Си реагираше со смеа, во момент кој беше забележан како редок опуштен момент за време на неговата прва државна посета на САД по повеќе од една деценија.
Белата куќа објави видео од Трамп како го води кинескиот лидер низ претседателската резиденција и застанува на таканаречената „Претседателска патека на славните“, каде што се поставени портрети и плочи посветени на американските претседатели.
Средбата се одржува во период на сложени односи меѓу Вашингтон и Пекинг, обележани со трговски спорови, технолошка конкуренција и спротивставени стратешки интереси.
Трамп по средбата избегна да навлегува во детали за политичките разговори, додека Си повторно ја нагласи позицијата на Пекинг дека Вашингтон треба внимателно да постапува во однос на Тајван.
СВЕТОТ ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ – Трамп и Си открија што се договориле зад затворени врати

