СОБРАНИЕТО ОДЛУЧУВА КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ПАРИ ЗА ИЗБОРИТЕ Уставен суд ги отфрли иницијативите

Уставниот суд ги отфрли иницијативите за распределбата на средствата за изборните кампањи.

СОБРАНИЕТО ОДЛУЧУВА КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ПАРИ ЗА ИЗБОРИТЕ Уставен суд ги отфрли иницијативите
Фото: Принтскрин

Уставниот суд денеска, со мнозинство од пет гласа „за“ наспроти три, ги отфрли иницијативите со кои беа оспорени одредби од Изборниот законик поврзани со распределбата на јавните средства и медиумскиот простор за изборни кампањи.

Уставните судии оцениле дека Собранието има право со закон да го утврди начинот на кој ќе се распределуваат средствата наменети за политичките партии за изборни кампањи. Дополнително, како аргумент било наведено дека за истите одредби веќе постои претходна одлука на Уставниот суд.

Одлуката денеска била само изгласана, бидејќи расправата по предметот била завршена претходно. Во меѓувреме беше избран и осмиот судија на Уставниот суд. На претходната седница, кога Судот функционираше со седум судии, не беше обезбедено потребното мнозинство од пет гласа за донесување одлука.

Судијата известител Осман Кадриу претходно предложил да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Изборниот законик.

Во иницијативата се тврди дека во практиката најголем дел од медиумскиот простор и државната поддршка за политичко рекламирање ги добиваат двете најголеми партии од власта и двете најголеми партии од опозицијата.

CATEGORIES
Share This