МЗТ СКОПЈЕ ВО ЧЕТИРИ НАТПРЕВАРУВАЊА Атанасов најави пеколен ритам и битка за трофеите
Аеродромци ја бранат двојната круна, а сезонава ги очекуваат и АБА-2 лигата и ФИБА Еврокупот.

МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона ќе има исклучително густ распоред, со настапи во дури четири натпреварувања. Покрај домашните обврски и борбата за одбрана на трофеите во Купот и шампионатот, „сино-белите“ повторно ќе играат во АБА-2 лигата, а сезонава ќе настапат и во ФИБА Еврокупот.
Од таборот на македонскиот шампион денеска ги споделија очекувањата пред новите предизвици. Амбициите се јасни – МЗТ сака повторно да ги освои двата домашни трофеи, а на меѓународната сцена да оствари што подобар резултат.
Тренерот Васко Атанасов верува дека составот со кој располага може да одговори на густиот натпреварувачки календар.
„Мислам дека ростерот кој го имаме сега може да одговори на предизвиците кои ќе ги имаме пред нас сезонава. Ритамот ќе биде многу пеколен, но имаме доволен број играчи, доволно квалитетни, кои ќе можат да одговорат на предизвиците кои оваа сезона ќе ни ги донесе“, изјави Атанасов.
Стратегот на аеродромци потенцира дека тимот во секој натпревар ќе влегува со желба за победа, без разлика на натпреварувањето.
„Пак ќе кажам, имаме доволен број играчи. Ќе се обидеме секој натпревар да го победиме, дали е во ФИБА Еврокупот, АБА-2 лигата или првенството. АБА-2 лигата ќе ни биде на некој начин приоритет, како и трофеите во домашното првенство. Но, да сумирам, ќе пробаме да го задржиме тоа што веќе го имаме и да го додадеме тоа што уште го немаме“, порача Атанасов.
МЗТ Скопје Аеродром сезоната ќе ја отвори во сабота на гостински терен во Куманово, каде против истоимената екипа ќе го одигра натпреварот од Суперкупот.
Потоа следуваат три последователни натпревари на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“.
На 30 септември МЗТ ќе го пречека тимот на Слобода Ужице во натпревар од АБА-2 лигата. Само три дена подоцна, на 3 октомври, „сино-белите“ повторно ќе играат против Куманово, овојпат во рамки на првото коло од Суперлигата.
На 6 октомври, пак, во „Јане Сандански“ ќе гостува грчкиот Ираклис во натпревар од ФИБА Еврокупот.
Пред МЗТ Скопје Аеродром е сезона со исклучително густ календар, во која македонскиот шампион ќе се обиде да ги задржи домашните трофеи и да направи исчекор на меѓународната сцена.

