ФИЦО СО ДИРЕКТНА ПОРАКА Војната не е наша, Словачка нема да биде вовлечена
Словачкиот премиер предупреди дека секој што сака конфликт меѓу НАТО и Русија заради сопствени интереси мора самиот да ја преземе одговорноста.

Словачкиот премиер Роберт Фицо порача дека војната меѓу Русија и Украина не е словачка војна и дека ќе направи сè што е во негова моќ за Словачка да не биде вовлечена во, како што ја нарече, „неодговорна воена авантура“.
Во видео-порака објавена на Фејсбук, Фицо истакна дека не сака да дојде до директен воен конфликт меѓу НАТО и Русија.
Според него, доколку некоја земја сака да предизвика таков конфликт заради сопствени национални интереси, тогаш таа треба да ја преземе и одговорноста за својата одлука, наместо последиците да ги префрла врз останатите членки на НАТО.
„Војната меѓу Русија и Украина не е наша словачка војна. Ако некој сака да предизвика воен конфликт меѓу НАТО и Русија за да ги задоволи сопствените национални интереси, тогаш мора да ја преземе и одговорноста за таков чекор, а не да ја префрли на другите членки на НАТО“, порача Фицо.
Словачкиот премиер и претходно јавно се залагаше Словачка да избегне директно вклучување во војната и предупредуваше на ризиците од поширока конфронтација меѓу НАТО и Русија.

