НОЌ НА ДРОНОВИ Двајца загинати и 20 повредени во масовен напад врз Москова
Украинските дронови предизвикале пожари и материјална штета во повеќе населени места, додека од Киев стигна информација за загинат свештеник во руски напад врз манастир во Херсонската област.

Најмалку две лица загинаа, а 20 се повредени, меѓу кои и три деца, во масовен напад со украински беспилотни летала врз Московскиот регион во текот на ноќта. Во повеќе населени места избувнале пожари, а биле оштетени станбени и деловни објекти.
Гувернерот на Московскиот регион, Андреј Воробјов, соопшти дека руските сили за воздушна одбрана и електронско војување од 3 до 5 часот наутро собориле или неутрализирале 249 беспилотни летала во 17 области.
Според Воробјов, во областа Софијина беспилотно летало се урнало во трикатна станбена зграда, при што загинала жена, а три возрасни лица и две деца биле повредени.
Во округот Орехово-Зуев, маж загинал во приватна куќа која се запалила по напад со дрон, додека уште едно лице било повредено во округот Ленин.
Во Котелники, дрон се урнал врз станбена зграда и предизвикал пожар кој зафатил станови на три ката. Оштетени се и приватни куќи во Раменски, Коломна и Јегорјевск, додека пожари биле пријавени во станбени објекти во Ленински, Љуберци и Литкарин.
Штета е пријавена и во Истра и Воскресенск. Во округот Рамен, пожар избувнал на покривот на 21-катна зграда, по што биле евакуирани околу 400 лица, меѓу кои 70 деца. Во нападот биле оштетени и 20 автомобили.
Свештеник загина во напад врз манастир во Херсонската област
Во меѓувреме, украинските власти соопштија дека руски беспилотно летало нападнало манастир во селото Червониј Мајак во Херсонската област.
Началникот на регионалната воена администрација, Александар Прокудин, изјави дека во нападот загинал 71-годишен свештеник.
Според неговите информации, уште четворица свештеници, на возраст од 31 до 53 години, биле повредени.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивилни објекти, а информациите за нападите доаѓаат од претставници на руските и украинските власти.
МАСОВЕН НАПАД ВРЗ МОСКВА Стотици дронови над рускиот главен град, пожари и експлозии

