ВНИМАВАЈТЕ НА ПАТОТ – АМСМ предупредува на одрони и изменет режим на повеќе делници низ Македонија

Претежно суви коловози и умерен сообраќај, но АМСМ предупредува на одрони и изменет режим на повеќе патишта.

ВНИМАВАЈТЕ НА ПАТОТ – АМСМ предупредува на одрони и изменет режим на повеќе делници низ Македонија
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.

Особено внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Охрид – Ресен преку Галичица отворен за возила до 3,5 тони

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила со тежина до 3,5 тони.

Изменет режим кај граничниот премин Делчево

Поради реконструкција на граничниот премин Делчево, од 9 септември е воведен времен режим на сообраќај. Од АМСМ информираат дека преминот ќе функционира непрекинато, а сообраќајот ќе се одвива нормално за време на градежните работи.

Внимание кај наплатната станица Преод

До 1 октомври 2026 година ќе има изменет режим на сообраќај пред наплатната станица Преод, поради санација на косина на автопатот А4 на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип.

Работи на мостовите кај Штип, Гостивар и Желино

Времен режим на сообраќај е воспоставен и кај мостот на реката Брегалница во Штип, каде се врши санација.

Градежни активности се одвиваат и на мостовите на државниот пат А2 Гостивар – Стража, вклучително и на мостот бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и мостот бр. 7 – Вијадукт на Дол.

Санација се врши и на мостовите на А2 кај село Желино, во двата правци, од Скопје кон Желино и обратно.

Времен режим и на повеќе други делници

На автопатот А1 Смоквица – Гевгелија има времен режим поради изградба на премин на интерконективен гасовод под автопатот.

На скопската обиколница, на А2, се врши рехабилитација на делница од околу 250 метри меѓу клучките Волково и Кондово, при што затворена е левата лента за претекнување.

Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола се пренасочува по регионалниот пат, на потегот од клучка Лагово до Тополчани.

Ограничено движење низ Јасен

За движењето низ Јасен, на релација Скопје – Македонски Брод и обратно, важат утврдени временски интервали.

Скопје – Македонски Брод: 07:30–09:00, 12:00–12:45 и 16:00–18:00 часот.

Македонски Брод – Скопје: 06:00–07:00, 10:30–11:00, 13:00–13:45 и 18:30–20:00 часот.

АМСМ ги повикува сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ја почитуваат поставената сигнализација, особено на делниците каде се изведуваат градежни активности.

CATEGORIES
Share This