БАЈРАМИ СЕ ВРАТИ ОД БЕГСТВО И ЗАСТАНА ПРЕД СУД Не сум виновен за штетата од 9,7 милиони евра во Државна лотарија
Поранешниот директор на Државна лотарија денеска се изјасни за невин, со што сите осум обвинети во случајот „Државна лотарија“ негираа вина за злоупотреба на службената положба.

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен за обвиненијата во случајот „Државна лотарија“.
На продолжението на судскиот процес, и обвинетиот Башким Авдиу се изјасни дека не е виновен. На претходното рочиште Авдиу побара обвинителниот предлог да му биде доставен писмено на албански јазик, бидејќи, како што наведе, не го разбира обвинението.
Со денешното рочиште, сите обвинети во предметот се изјаснија за невини.
Бајрами во септември годинава се предаде на граничниот премин „Блаце“, откако по него беше распишана меѓународна потерница. По предавањето беше спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, каде што се наоѓа во притвор.
Во предметот се обвинети и поранешниот вицепремиер Артан Груби, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Според обвинителниот предлог, тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, поврзано со постапки за набавка на машини и видеолотариски терминали и овозможување самостојно приредување електронски игри на среќа од страна на Државна лотарија.
Обвинителството тврди дека со преземените дејствија на Државна лотарија ѝ била предизвикана штета од околу 596 милиони денари, односно околу 9,7 милиони евра. Првично проценетата штета изнесувала околу 8,2 милиони евра, но со прецизираниот обвинителен предлог сумата е зголемена.
Според обвинителниот предлог, обвинетите биле свесни дека Државна лотарија немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали. Обвинителството посочува дека ова право во 2013 година било внесено како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштвото за приредување игри на среќа „Државна видеолотарија на Република Македонија – Казинос Австрија ДОО Скопје“, при што Државна лотарија стекнала 51 процент од уделот во друштвото.
И покрај тоа, според обвинителството, Бајрами на 9 мај 2023 година, во својство на генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, доставил информација до генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, со предлог за преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа.
Во информацијата било наведено дека вредноста на планираната набавка претставува 42 проценти од сметководствената вредност на имотот на друштвото и дека станува збор за голема зделка, за чие одобрување било надлежно Надзорниот одбор.
Обвинителството тврди дека Димовски на 6 јуни 2023 година ја предложил информацијата како дополнителна точка на дневен ред на владина седница, иако, според обвинителниот предлог, требало да ја врати до подносителот и да ја проследи до надлежниот орган.
Потоа, според обвинителството, Артан Груби, кој во тоа време имал влијание во раководењето со Државна лотарија, претседавал со седницата на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво. Тој ја предложил дополнетата точка да биде усвоена, иако, како што тврди обвинителството, бил свесен дека одлуката не била во надлежност на Владата.
Со усвојувањето на информацијата, Државна лотарија била задолжена да преземе активности за започнување со самостојно приредување електронски игри на среќа и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали.
Обвинителството ги товари останатите обвинети, кои биле претседател и членови на Надзорниот одбор, дека иако знаеле дека процедурата не била испочитувана, донеле одлука со која било одобрено започнувањето на јавната набавка.
Според обвинителниот предлог, набавката потоа била реализирана, биле преземени обврски за исплата и на тој начин на Државна лотарија ѝ била нанесена материјална штета од наведениот износ.
За кривичното дело за кое се товарат обвинетите е предвидена затворска казна од една до пет години.
Во предметот, Артан Груби е под мерка куќен притвор, додека за Бајрами е определен притвор. Груби претходно беше во бегство, а во февруари 2026 година се предаде на органите на прогонот.
Од скопското обвинителство претходно информираа дека против Бајрами се водат и други четири истраги за злоупотреба на службената положба, во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.
Адвокатот кој ја застапува Државна лотарија како оштетено правно лице на судењето изјави дека друштвото има побарувања, но дополнително ќе одлучи дали ќе ги остварува во рамки на кривичната постапка или преку посебна граѓанска парница.
СЕ ВРАЌА НА СУДЕЊЕТО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ Бајрами се предаде, обвинетите повторно пред судот

