МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ВЕЧЕРВА СО МОЌЕН МУЗИЧКИ СПЕКТАКЛ На сцената Сара Јанева и Иван Еминовиќ
Концертот во рамки на „Денови на македонската музика“ носи дела од Стојан Стојков, Тома Прошев, Горан Начевски и Гоце Гавриловски.

Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва од 20 часот ќе одржи концерт во рамки на фестивалот „Денови на македонската музика“. Со оркестарот ќе диригира Иван Еминовиќ, а како солистка ќе настапи мецосопранистката Сара Јанева.
На програмата се четири дела од македонски композитори: „Циклус песни“ од Стојан Стојков, „Темпера 3“ од Тома Прошев, увертирата „Храдебни“ од Горан Начевски и Концертот за симфониски оркестар „Ремикс“ од Гоце Гавриловски.
Сара Јанева дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2022 година, во класата на проф. Весна Ѓиновска-Илкова. Своето образование го продолжила на Летната оперска академија во Блед и како членка на Швајцарското оперско студио.
Во 2025 година дебитирала во оперските продукции „Помилувањето на Тито“ од Моцарт и „Волшебната флејта“, а настапувала и во концертни изведби на дела од Перголези и Дворжак. Годинава одржа солистички концерти во Берн и Охрид, посветени на македонското музичко творештво, а во август настапи и на фестивалот „Алегро виво“ во Австрија.
Диригентот Иван Еминовиќ е роден во Скопје, каде што го започнал своето музичко образование. На ФМУ дипломирал и магистрирал на отсекот за оркестарско диригирање. Во неговото професионално портфолио се бројни продукции на Македонската опера и балет, меѓу кои „Травијата“, „Набуко“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Дон Џовани“, „Турандот“ и „Реквием“ од Моцарт.
Еминовиќ настапувал и со оркестри надвор од земјава. Меѓу нив е и Сараевската филхармонија, со која диригирал на отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево во 2018 година.

