ХАОС ПО ПРЕСУДИТЕ ЗА ЛИДЕРИТЕ НА ОВК Вреди и Курти го нападанаа судот, протести и судири во Хаг и Приштина
Тачи и Красниќи добија по 25 години, Весели 18, а Селими 13 години затвор – Курти пресудата ја нарече „неприфатлива неправда“, а во Хаг полицијата употреби водени топови.

Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг ги осудија поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, по што следуваа остри реакции од политичкото раководство на Косово и протести во Хаг и Приштина.
Тачи и Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Весели на 18 години, а Селими на 13 години затвор. Судот утврди нивна индивидуална одговорност за извршување, помагање и поттикнување злосторства извршени за време на Косовската војна во периодот 1998-1999 година.
Според пресудата, четворицата се прогласени за одговорни за злосторства поврзани со убиството на 96 лица, кои Судот ги опиша како политички противници и соработници на српските безбедносни сили, како и за произволно притворање на 385 лица, тортура врз 303 и нечовечки третман на уште 50 лица.
Од „ВРЕДИ“ соопштија дека пресудата ја примиле со „длабоко жалење и огорченост“, оценувајќи ги казните како високи и неприфатливи. Оттаму порачаа дека одлуката не ја доведува во прашање, како што наведуваат, легитимноста на ОВК и ја опишаа војната како „праведна борба за слобода“.
„Одлуката е првостепена и не го затвора ова прашање. Правната битка продолжува“, наведуваат од „ВРЕДИ“, додавајќи дека очекуваат во жалбената постапка да бидат разгледани аргументите на одбраната.
На пресудата реагираше и косовскиот премиер Албин Курти, кој ја оцени како „неприфатлива неправда“ и најави дека ќе биде обжалена. Тој рече дека Владата на Косово ќе ја поддржи жалбената постапка.
Курти порача дека пресудата, според него, не може да се разгледува надвор од историскиот контекст на Косовската војна. Тој ја опиша ОВК како одговор на долгогодишната репресија врз Албанците на Косово и наведе примери на отпуштања, исклучување од институциите, затворања, тортура, убиства, масакри и масовни протерувања.
Косовскиот премиер истовремено го обвини Специјализираниот суд за, како што рече, селективен пристап и недостиг на транспарентност, оценувајќи дека „селективната правда врз основа на етничка припадност“ е спротивна на принципот на непристрасна правда.
По објавувањето на пресудите избувнаа протести. Пред Специјализираните совети во Хаг дојде до судир меѓу група Албанци и полицијата, која употреби водени топови за да ја растера толпата, а неколку лица беа приведени.
Протести имаше и во Косово. Во Приштина, пред Владата, се собраа илјадници демонстранти, а дел од нив фрлаа камења кон владината зграда, при што беа скршени неколку прозорци.
Демонстранти се собраа и пред седиштето на ЕУЛЕКС во Косово Поле. Дел од нив се обидоа да влезат во објектот, но беа спречени од полицијата, по што биле фрлани камења и други предмети.
Пресудите се првостепени, што значи дека одбраната има право на жалба, па постапката против четворицата поранешни лидери на ОВК продолжува и по денешното изрекување на казните.

