ПЕТ ГОДИНИ МУЗИКА, УМЕТНОСТ И КУЛТУРНА РАЗМЕНА Фестивалот на џез, world и современа музика – Велес 2026
По пет години, фестивалот продолжува да ја гради својата приказна со амбиција Велес да биде место за средба на домашни и странски уметници, нови идеи и различни музички и културни изрази.

Од 25 до 27 септември во Велес ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на ЏЕЗ, WORLD И СОВРЕМЕНА МУЗИКА, кој годинава одбележува свој мини-јубилеј – пет години исполнети со музика, уметност, ентузијазам, нови средби и културна размена.
Фестивалот започна со едноставна, но важна идеја – уметноста да не биде концентрирана само во метрополите и големите градски центри, туку да се создаваат услови различни уметнички изрази да патуваат, да се среќаваат со нова публика и да се развиваат и во други градови и локални средини. Од таа идеја фестивалот постепено ја гради својата приказна и денес претставува простор во кој публиката има можност да слушне и види уметници од различни делови на светот.
Иако во својата основа е музички фестивал, неговата програма од самиот почеток не се ограничува само на музиката. Во различни изданија фестивалот вклучува изложби, работилници, видео проекции и мапинг, визуелни и сценски перформанси, како и други уметнички форми кои на различни начини комуницираат со музиката.
Од втората година фестивалот добива интернационален карактер, отворајќи простор за средба на домашната сцена со уметници од различни земји и културни средини.
Идејата е преку музиката да се запознаваат различни култури, но и преку тие средби да се отвораат нови прашања и можности за домашната сцена. Како звучи џезот од Грац во Велес? Што носат со себе уметниците од Финска? Какви се нивните искуства и пристапи? Што можеме да научиме од уметниците кои доаѓаат од различни културни средини, а што можеме ние да им понудиме ним?
Токму таа двонасочна размена е една од важните карактеристики на фестивалот. Интернационалната програма не е само можност велешката публика да слушне странски уметници, туку и можност македонските уметници да се сретнат со колеги од други земји, да разменат искуства, идеи и можности за идни соработки.
Во самото име на фестивалот – ЏЕЗ, WORLD И СОВРЕМЕНА МУЗИКА – се препознава неговата отвореност кон различни жанрови и музички јазици. Фестивалот не поставува строги граници меѓу музичките форми, туку се обидува да понуди поширока перцепција на современата музика и нејзините различни изрази.
Фестивалот е основан од Општина Велес, а со делегирана надлежност негов организатор е Здружението за култура, уметност и млади „Арт-Генератор“ – Велес. Општина Велес ја делегира надлежноста за организирање и реализирање на оваа културна манифестација на „Арт-Генератор“, со што фестивалот се развива како дел од културната понуда на градот.
Овогодишното издание се реализира без поддршка од Министерството за култура и туризам, но фестивалот успева да го задржи својот интернационален карактер, разновидната програма и повеќелокацискиот формат.
Во реализацијата на петтото издание значаен придонес имаат и партнерите и спонзорите кои ја препознаа важноста на фестивалот и помогнаа неговата програма да продолжи да се развива. Организаторите упатуваат благодарност до Театар „ЈХК „Џинот“ – Велес, Народен музеј Велес, Агриа, Marquardt, Симит Петрол, ресторан Different и винарија Тристо за поддршката и придонесот кон реализацијата на фестивалот.
Годинава фестивалот повторно ќе се одвива на повеќе локации низ Велес – на платото и на Големата сцена на Театар „ЈХК „Џинот“ – Велес, во Градскиот парк и во просторот на Спомен-костурницата, со што различните содржини повторно ќе добијат различни амбиенти и контексти.
Пет години можеби не се долг период, но се доволни за една идеја да добие свој препознатлив карактер. Од првите чекори до денес, фестивалот се гради постепено, со ентузијазам и со верба дека културната сцена се создава токму преку луѓето, уметниците, публиката и сите оние кои од година во година се приклучуваат кон приказната.
И затоа, петтото издание не е само одбележување на досегашното. Тоа е и поглед кон иднината.
Со надеж дека коцките ќе продолжат да се местат, дека ќе има простор за нови идеи, нови уметници и нови средби, а ентузијазмот ќе продолжи да нè служи, фестивалот сака да ја продолжи оваа приказна и во годините што следуваат – кон десеттото, дваесеттото и сите идни изданија.
ПРОГРАМА
25 СЕПТЕМВРИ
Плато Театар „ЈХК Џинот“ – Велес
19:00 – Борче Конзулов – Видео мапинг
19:00 – Данчо Саздов – DJ Set
Голема сцена, Театар „ЈХК Џинот“ – Велес
21:00 – Next to Silence (МК) – концерт
26 СЕПТЕМВРИ
Градски парк – Велес
11:00 – Ненад Стефаноски – DJ Set
12:00 – Фатиме Мефаилоска – Психолошка работилница за деца „Островот на емоциите“
Голема сцена, Театар „ЈХК Џинот“ – Велес
21:00 – Bored Society (AUT) – концерт
27 СЕПТЕМВРИ
Спомен-костурница, Велес
20:00 – Lempi (FIN) & Shailee Shmuely (ISR)
Горно плато, Спомен-костурница
21:00 – Дарко Спасовски – DJ Set.

