ФИДАН ГИ ЗАОСТРИ ТЕНОВИТЕ Грција не смее да биде алатка за туркање на регионот во хаос
Анкара тврди дека вооружувањето на островите со демилитаризиран статус претставува безбедносна закана.

Турција не сака Грција да биде претворена во алатка за дестабилизација на регионот и продлабочување на тензиите, порача денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Фидан истакна дека Анкара се залага за добрососедски односи со Грција, особено кога станува збор за прашањата поврзани со безбедноста.
„Сакаме добрососедски односи. Не смее да има недоразбирања, особено во областа на безбедноста. Двете страни треба да спречат создавање вакви ситуации“, изјави Фидан за турско-грчките односи, пренесува „Хуриет“.
Турскиот министер изрази загриженост и поради вооружувањето на одредени грчки острови, за кои Анкара смета дека имаат демилитаризиран статус.
„Секако, многу сме загрижени за вооружувањето на одредени острови. Тие се свесни за тоа и им го пренесовме“, рече Фидан.
Според него, распоредувањето оружје на острови со демилитаризиран статус претставува безбедносна закана за Турција.

