ТОЈ Е НАЈДОБРИОТ АКТЕР ЗА 2026 ГОДИНА Александар Степанулески ја освои „Ристо Шишков“
Престижното признание му е доделено за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, а одлуката на жирито била едногласна.

Александар Степанулески е добитник на престижната награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ за 2026 година.
Признанието му припадна за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Одлуката ја донесе едногласно жирито на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Во жирито беа Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, претседателка, и членовите Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски.
Во образложението се наведува дека Степанулески ликот на Луков го гради како фигура со навидум неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива сопствениот страв, зависност и морална разграденост.
„Со силно сценско присуство, прецизни промени во актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување“, актерот ја доловува сложената противречност на човек кој манипулира, заплашува и организира политичко убиство, но истовремено останува заробеник на системот на кој му служи, истакнува жирито.
Со доделувањето на наградата на Александар Степанулески, која му ја врачи директорот Ванчо Ристов Патриков, заврши 34. издание на ФКТ „Ристо Шишков“.
И годинава фестивалот во Струмица го стави во фокус врвното актерско мајсторство и уште еднаш ја потврди својата значајна позиција на македонската и регионалната театарска сцена.

