БЕЗБЕДЕН ГРАД СТИГНА ВО ВЕЛЕС За 36 часа фатени 151 прекршител
Најголем дел од прекршоците се за брзо возење, а регистрирани се и случаи на минување на црвено светло.

Системот „Безбеден град“ започна да функционира и на подрачјето на СВР Велес, а во првите 36 часа биле регистрирани вкупно 151 сообраќаен прекршок.
Податоците ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на промоцијата на системот наменет за Велес и Повардарието.
Од вкупниот број прекршоци, 124 биле регистрирани во текот на саботата, додека до денеска напладне биле евидентирани уште 27.
Најголем дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, додека само три до четири случаи биле поврзани со поминување на црвено светло, информира Тошковски.
Системот во Велес има и сопствен команден центар, сместен во реконструирани простории на поранешното Министерство за одбрана. Од овој центар ќе се следи сообраќајот на целото подрачје под надлежност на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
Според Тошковски, бројот на регистрирани прекршоци е значително помал во споредба со одредени претходни периоди. Тој смета дека тоа покажува оти возачите постепено се приспособуваат на новиот начин на сообраќајна контрола.
Министерот им се заблагодари на граѓаните кои ги почитуваат сообраќајните правила и порача дека главната цел на системот „Безбеден град“ е зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и несреќи.

