ЕУ НАМЕТНУВА УСЛОВ НА БЕЛГРАД Или ќе се откажете од Младиќ, или се замрзнува патот кон ЕУ

23 европратеници бараат суспензија на пристапниот процес и стопирање на новите отстапки за Србија.

ЕУ НАМЕТНУВА УСЛОВ НА БЕЛГРАД Или ќе се откажете од Младиќ, или се замрзнува патот кон ЕУ
Фото: Принтскрин

Група од 23 европратеници од четири големи политички групи во Европскиот парламент побараа од Европската комисија да разгледа можност за суспендирање или замрзнување на пристапните преговори со Србија.

Причината за ваквото барање се однесува на, како што наведуваат, величењето на лица осудени за воени злосторства и геноцид, како и неодамнешните изјави на српски функционери поврзани со генералот Ратко Младиќ.

ПИСМО ДО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Европратениците од Европската народна партија (ЕПП), Социјалистите и демократите (С&Д), либералната група „Обнови“ и Зелените, по иницијатива на чешкиот европратеник Ондржеј Коларж од ЕПП, испратија писмо до еврокомесарот за проширување Марта Кос.

Во него бараат Европската комисија да размисли за суспендирање или замрзнување на пристапниот процес со Србија сè додека властите во Белград недвосмислено не се дистанцираат од глорификацијата и јавното оддавање почит на лица осудени за воени злосторства и геноцид.

„Бараме од Европската комисија да размисли за суспендирање или замрзнување на процесот на пристапување со Србија сè додека српските власти недвосмислено не го отфрлат глорифицирањето и јавното почитување на лица осудени за воени злосторства и геноцид“, се наведува во писмото.

БАРААТ И СТОП ЗА НОВИ ОТСТАПКИ КОН БЕЛГРАД

Европратениците дополнително бараат да се преиспитаат и евентуалните идни отстапки кон Србија поврзани со пристапот до Шенген-зоната.

Според нив, таквите чекори треба да бидат одложени сè додека Србија не покаже дека ги почитува основните политички, правни и морални принципи врз кои се темели европската интеграција.

„ЗЕМЈА КОЈА САКА ВО ЕУ НЕ МОЖЕ ДА ГО ВЕЛИЧИ МЛАДИЌ“

Во писмото се изразува сериозна загриженост поради неодамнешните изјави на српски владини претставници во врска со смртта на Ратко Младиќ, кој беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства и геноцид.Потписниците сметаат дека ваквите пораки се неспоиви со европските вредности.

„Земја што се стреми кон членство во Европската Унија не може да го величи таквото лице, ниту за време на неговиот живот ниту по неговата смрт“, наведуваат европратениците.

„ГЛОРИФИКАЦИЈАТА НА БРУТАЛНОСТА ГИ ОБЕСЧЕСТУВА ЖРТВИТЕ“

Европратениците предупредуваат дека величењето на осудени воени злосторници не претставува само проблем во односите меѓу Србија и ЕУ, туку може директно да влијае и врз стабилноста на регионот.

Според нив, ваквата реторика ги обесчестува жртвите на воените злосторства и го поткопува кревкиот процес на помирување и стабилизација на Западен Балкан.

Тие порачаа дека европската интеграција подразбира почитување на заеднички политички, правни и морални стандарди и дека кандидатите за членство мора јасно да покажат дека ги прифаќаат тие принципи.

CATEGORIES
TAGS
Share This