МИЦКОСКИ ОТКРИ КОЛКУ ЧИНЕА СПЕКТАКЛИТЕ Граѓаните и буџетот – нула денари
Премиерот од Штип ги отфрли шпекулациите за трошоците за прославата на 35 години независност и порача дека сите настани биле организирани со поддршка од општествено одговорни компании.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Штип порача дека сите настани организирани по повод 35-годишнината од независноста на Македонија биле реализирани без ниту еден денар од државниот буџет. Според него, трошоците биле покриени од општествено одговорни компании.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за сумата потрошена за организацијата на прославите, рече дека јавноста може да ги провери податоците преку системот „Отворени финансии“.
„Имам лоша вест за сите оние што шпекулираа, негодуваа, клеветеа и пласираа лажни информации. Лошата вест е дека буџетот сите овие настани го чинат нула денари. И граѓаните и буџетот сите овие настани ги чинат нула денари“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека зад организацијата стоеле компании кои, како што рече, покажале општествена одговорност.
„Ова е домаќинска Влада“
Премиерот упати критики кон оние кои претходно изнесувале сомнежи за финансирањето на настаните.
„Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, па така и некој друг прави. Но, ова е домаќинска Влада. Ова е Влада промакедонска, која се грижи за граѓаните, пронародна“, рече тој.
Мицкоски повтори дека секој денар од буџетот, според него, се троши транспарентно и уште еднаш нагласи дека за организацијата на прославите не биле потрошени буџетски средства.
Од Стив Аоки до Дејвид Гета – „незаборавно лето“
Премиерот го оцени летото како историско и посочи дека Македонија била домаќин на голем број светски музички имиња. Како дел од настаните ги наведе концертот на Стив Аоки во Битола на 2 август, караванот „Силно светнал ден“ кој поминал низ повеќе градови, настапите на Пол Оукендфолд и Ван Дајк во Струмица, рок-концертот со македонски групи, настапот на „македонските ол-стар“ ѕвезди во Скопје, како и концертот на Хосе Карерас.
Кулминацијата, според Мицкоски, била вчерашниот настап на Дејвид Гета на Градскиот стадион.
„Светскиот број еден, ѕвездата Дејвид Гета, приреди навистина спектакл за паметење“, рече премиерот.
Тој им се заблагодари на граѓаните и на сите кои учествувале во организацијата, оценувајќи дека земјата покажала оти може да организира настани од светски размери.
Новиот судир со СДСМ: „Жалам што се препознаваат во зборот талог“
Мицкоски се осврна и на реакциите од СДСМ за неговата употреба на зборот „талог“. Тој рече дека жали што опозициската партија се препознава во тој термин, повторувајќи ја својата порака дека „талогот не смее да ја победи елитата“.
„Жалам што тие се препознаваат како такви. Ние мораме да го победиме талогот“, порача Мицкоски.
Според него, политичарите треба да се справуваат со критиките и нападите преку работа, а не преку жалење пред јавноста.
„Тие нека тонат во нивното политичко мочуриште, а ние ќе продолжиме да испорачуваме“, рече тој.
„Ние ја носиме Европа дома“
Премиерот ги повика новинарите да присуствуваат и на претстојните настани кои, како што најави, ќе следат во наредните денови. Тој најави пуштање во употреба на нова фабрика во Прилеп со стотици нови вработувања, отворање реновирана клиника во Клиничкиот центар во Скопје, а го посочи и реконструираниот Охридски аеродром.
Во тој контекст, Мицкоски порача дека европските стандарди треба да се градат во земјата.
„Тоа е Европа. Ние ја носиме Европа дома“, рече тој.
Мицкоски додаде дека Македонија нема подобра алтернатива од членството во Европската Унија, но оцени дека патот кон Европа треба да се гради врз принципи, реформи и исполнување стандарди, а не преку, како што рече, „коленичење“ и прифаќање ултиматуми.
„Нема подобра алтернатива за земјата и за граѓаните од Европа, но мораме таа алтернатива заеднички, заедно со истата таа Европа, да ја заслужиме“, нагласи премиерот.

